ОН: Стотици илјади луѓе имаат потреба од итна помош по разорните поплави во Либија
Стотици илјади луѓе имаат потреба од итна помош по разорните поплави во Либија, соопшти Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (ОЦХА).
Агенцијата во апелот повика на итна помош од 71,4 милиони американски долари „за да се задоволат најитните потреби на 250 000 луѓе од вкупно 884 000 што се очекува да им биде потребна помош во следните три месеци“.
Организацијата соопшти дека речиси 900 000 луѓе во пет провинции на земјата разурната од војна „живеат во области директно погодени од невремето и поплавите и страдаат во различен степен“.
Силната бура Даниел во неделата ја погоди Либија, откако претходно ги погоди Грција, Бугарија и Турција.
Ѕидовите на две брани во планините над пристанишниот град Дерна се урнаа и однесоа големи делови од него.
Според владата во источна Либија, бројот на загинати е над 5 000. Според либиската Црвена полумесечина, бројот на загинати во Дерна, град со околу 100 000 жители, се искачи на 11 300. Хуманитарната организација истакна дека потрагата по преживеани продолжува.
Градоначалникот на Дерна во средата навечер изјави дека само во градот можеби загинале до 20 000 луѓе.