ОН: За три недели околу 400 илјади луѓе се раселени во Газа

„Преживеаните во Газа неколку пати беа раселени и принудени да се преселат во помали области каде што не може да се задоволат нивните основни потреби“, велат од ОН

EPA-EFE/ALAA BADARNEH

Од 18 март, кога Израел ги продолжи воените операции и со тоа го прекина двомесечното примирје, во Појасот Газа раселени се речиси 400 илјади луѓе, информираат од Кабинетот на генералниот секретар на Обединетите нации (ОН).

„Преживеаните во Газа неколку пати беа раселени и принудени да се преселат во помали области каде што не може да се задоволат нивните основни потреби“,изјави портпаролот Стефан Дижарик.

Речиси сите 2,4 милиони жители на Газа веќе се раселени барем еднаш од избувнувањето на војната на 7 октомври 2023 година, а прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас започна на 19 јануари.

Во заедничко соопштение, шефовите на Канцеларијата на ОН за хуманитарни прашања, Том Флечер, Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, УНИЦЕФ, Кетрин Расел и Светската програма за храна, Синди Мекејн, го повикаа светот „итно да дејствува за да ги спаси Палестинците во Газа“.

„Жителите на Газа повторно се заробени, бомбардирани и гладни, а поради повеќе од еден месец израелска блокада, на премините се трупаат храна, лекови и гориво, а пристапот до засолништата и потребната опрема е блокиран“велат лидерите.

Тие нагласија дека тврдењата дека има доволно храна за да се прехранат Палестинците се далеку од вистината.

„Во Газа сме сведоци на воена акција која покажува флагрантно непочитување на човечкиот живот“се наведува во соопштението.

Вчера израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху при посетата на САД и по разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп рече дека Израел работи на нов договор за ослободување на заложниците кои ги држеше палестинскиот Хамас во Појасот Газа.

„Во моментов работиме на уште еден договор кој се надеваме дека ќе биде крунисан со успех. И ние сме решени да ги извадиме сите заложници“рече Нетанјаху.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера ја повтори желбата Трамп повторно предложи раселување на палестинското население од Газа и изјави дека многу земји ќе ги прифатат Палестинците.

САД да ја преземат контролата врз Појасот Газа, опишувајќи ја палестинската енклава како „неверојатно вреден и важен недвижен имот“.

„Ако ги земете тие луѓе, Палестинците, и ги преместите во различни земји – и имате многу земји што би го направиле тоа – тогаш всушност имате зона на слобода. Можете да ја наречете зона на слобода, слободна зона, зона во која луѓето нема да умираат секој ден. Тоа е проклето добар простор. Знаете како го нарекувам – одлично место во кое никој не сака да живее“рече Трамп.

Back to top button
Close