ОПЕК+ денеска ќе ја донесе првата одлука за квотите по напуштањето на ОАЕ

Саудиска Арабија, Русија и уште пет земји од ОПЕК+ денеска ќе одржат состанок за да ја донесат првата одлука за квотите за производство на нафта по потресот предизвикан од напуштањето на Обединетите Арапски Емирати.

ОПЕК+ – алијансата меѓу Организацијата на земјите извознички на нафта и уште десет земји произведувачи, сè уште нема излезено со став откако Обединетите Арапски Емирати, кои беа столб на картелот и една од двете земји со најголеми можности да го зголемат производството, во вторникот ја напуштија организацијата.

Затоа соопштението по оваа средба, која ќе се одржи онлајн, се очекува со уште поголем интерес од самата одлука, која пазарот во голема мера веќе ја предвиде.

Саудиска Арабија, Русија, Ирак, Кувајт, Казахстан, Алжир и Оман заедно би требало да ги зголемат своите квоти „со 188.000 барели дневно“, објаснува Арне Ломан Расмусен, аналитичар во „Глобал Риск Менаџмент“ (Global Risk Management).

Така станува збор за зголемување, слично на објавеното во март и продолжено во април – 206.000 барели дневно, од кое треба да се одземе делот кој им припаѓаше на Обединетите Арапски Емирати.

Ова зголемување многу веројатно нема да може да се материјализира во дополнително производство: основните неискористени капацитети на ОПЕК+ се наоѓаат во земјите од Персискиот Залив, чиј извоз е попречен од блокирањето на Ормуската Теснина од страна на Иран од почетокот на војната на Блискиот Исток.

Меѓу земјите од ОПЕК+ кои подлежат на квоти, производството „падна до 27,68 милиони барели дневно во март“, додека збирот од нивните квоти за истиот месец беше 36,73 милиони барели дневно, „односно дефицит од околу 9 милиони барели дневно“, прецизира Прија Валија, аналитичарка во „Рјустад Енерџи“ (Rystad Energy).

Шокот е распределен главно меѓу Саудиска Арабија, Ирак, Кувајт и, секако, Обединетите Арапски Емирати, чие производство веќе нема да се пресметува кон она на алијансата. Иран е член на ОПЕК+, но не подлежи на квоти.

Од ситуацијата најмногу профитира Русија, вториот по големина производител во групата, поради многу високите цени на енергијата, но изгледа дека таа и без тоа има сериозни проблеми да произведува на нивото на сегашните квоти, наведуваат светските агенции. Нејзината нафтена индустрија се соочува со повлекување на западните инвестиции од почетокот на војната, предизвикана од руската инвазија врз Украина во 2022 година, како и со производство редовно попречувано од украински напади со дронови.

За групата, напуштањето на Обединетите Арапски Емирати „е голем настан“, далеку поважен од напуштањето на Катар во 2019 година, а потоа и на Ангола, оцени Амена Бакр, аналитичарка во „Кплер“ (Kpler), за време на видеоконференција на темата.

Освен што се четврти производител во ОПЕК+ по волумен, Абу Даби располага со многу значајни неискористени производствени капацитети – клучен лост за групата кога треба да го регулира пазарот.

Уште во 2021 година „Обединетите Арапски Емирати го изразија своето незадоволство од своите квоти“, истакна Бакр.

Во последните години земјата инвестираше масовно во својата инфраструктура, а нејзината национална нафтена компанија АДНОК (ADNOC) планира производствен капацитет од 5 милиони барели дневно до 2027 година – далеку над нејзината последна квота, одредена на 3,447 милиони барели дневно.

Извор: nezavisen.mk

Back to top button
Close