Општина Аеродром со демант до Левица: Заврши времето кога се плаќаа по 30.000 денари за канти и клупи!

„Најостро ги демантираме невистините и манипулациите пласирани од Левица – Аеродром, кои повторно покажуваат елементарно непознавање на буџетот, програмите и функционирањето на Општина Аеродром.
Јавно ги повикуваме да кажат за која „приватна фирма“ зборуваат, бидејќи таков податок не постои во наводите што ги изнесуваат. Воедно, ги повикуваме јавно да го покажат документот во кој, како што тврдат, стои дека Општина Аеродром издвојува 36 милиони денари исклучиво за одржување на урбана опрема. Нека го покажат документот, нека ја покажат конкретната буџетска ставка и нека им објаснат на граѓаните каде точно ја виделе таа сума.
Очигледно е дека не знаат ниту да прочитаат буџет, а уште помалку да направат разлика помеѓу различни програми и активности кои опфаќаат повеќе сегменти од комуналното работење на Општината. Наместо факти, повторно гледаме политички конструкции, невистини и евтин популизам.
Вистината е следна:
На 24.04.2025 година, ЈП за комунални дејности на Општина Аеродром со машинобраварската работилница „Чардак“ склучи договор за одржување на клупи, корпи и друга урбана опрема во вкупна вредност од 6.725.498 денари со вклучен ДДВ, односно 5.699.575 денари без ДДВ.
Договорот опфаќа конкретни активности и количини, меѓу кои:
Стругање и фарбање на 1.700 м² клупи;
Демонтажа и замена на 5.780 нови даски на клупи;
Заварување и санација на метални корпи за отпадоци;
Замена на оштетени метални садови;
Набавка и монтажа на заштитни столбчиња и метални огради;
Набавка на нови метални профили за урбана опрема.
Сè е јавно, транспарентно и достапно на увид, за разлика од измислените конструкции и политички памфлети што Левица секојдневно ги пласира на социјалните мрежи.
Општина Аеродром секојдневно работи на терен и вложува во подобрување на јавниот простор. Заврши времето кога се плаќаа по 30.000 денари за канти и клупи, а јавните пари се трошеа без контрола и одговорност.
Граѓаните заслужуваат факти, а не дезинформации и евтин политички популизам“ се вели во демантот упатен од општина Аеродром до политичката партија Левица.






