Опстанокот на нацијата е во силата на државата

Трифун Костовски

Почитувани мои сограѓани,

Сакам со вас да споделам една лична перцепција, колку опстојувањето на една нација зависи од силата на државата. Впрочем, фундаментот на еден народ зависи од спрегата помеѓу националниот дух и државата. Македонија има голем минат труд, длабока генеза на јакнењето национален дух и државност. Мислите ми одат кон почетокот на минатото столетие, како се постапувало со нашата македонска национална посебност и со просторот на кој денес се наоѓа нашата држава.

Имам силен впечаток дека историјата се повторува, но денес на многу посовршен и пософистициран начин. Во суштината на тој процес, за жал повторно го препознавам обидот за асимилација на Македонците.Парализиран, вештачки закочен процес на нашето интегрирање во Европската Унија е првото нешто што го поттикнува секој разумен човек да согледа дека од Македонците се очекува постојано да докажуваат кои се, што се и дали воопшто имаат право на сопствена национална посебност.

Бруталното негирање на македонската посебност од страна на официјална Бугарија е повеќе од евидентно. Речиси две децении Бугарија масовно доделува бугарски пасоши на Македонци. Нашите граѓани ја користат можноста што им ја нуди државјанството на земја членка на Европската Унија, бидејќи со таков пасош полесно можат да го организираат сопствениот живот, да работат и да развиваат бизниси во европските земји. Ги разбирам и тие луѓе, економската немоќ им е мотивот. Таков пасош станува средство за асимилација кога сопствената држава не може да му понуди достоинствен живот на својот граѓанин.

Деновиве во јавноста одекнаа две мошне интригантни информации. Најнапред, се појави информација поврзана со Амбасадата на Грција во Скопје, според која македонски граѓани би можеле да добијат грчко државјанство доколку достават сериозни докази за својата поврзаност со оваа земја.

Република Грција, за разлика од соседна Бугарија, ваквиот пристап кон таканаречените „македонски Грци“ го спроведува на пософистициран начин.

Истовремено, соседна Србија ги отвори спортските канали „Арена 1“, „Арена 2“ и „Арена 3“ на македонски јазик и најавува отворање на телевизискиот канал „Еуроњуз Србија“. Самите медиумски и културни влијанија не се секогаш опасност или чекор кон можна асимилација, но, кога влегуваат во држава со слаби институции, сиромашна медиумска сцена и граѓани што ја губат довербата во сопствената иднина, тие добиваат многу поголемо политичко и општествено значење. Нашите соседи можат да имаат свои интереси, ништо невообичаено, но наша обврска е Македонија да има сопствена државна стратегија со која ќе ги заштити своите национални и државнички интереси. Сето ова ме потсетува на времето на Балканските војни, кога Македонија најнапред беше ослободена од Османлиската Империја, а потоа поделена меѓу Бугарија, Србија и Грција, само што сега е на многу културен, софистициран начин

Асимилацијата на Македонците во северна Грција и во соседна Бугарија трае речиси сто години. Во основата на тој процес се наоѓа негирањето на нашата македонска национална посебност. Темелите на современата македонска државност беа поставени со АСНОМ во 1944 година, а потоа Македонија беше конституирана како една од федералните единици во југословенската федерација. Во 1991 година, граѓаните се определија за самостојна и суверена Република Македонија. Основното прашање, за секој човек кој е загрижен за сопствената национална посебност, е каде и во кого е вината за состојбата во која се наоѓаме?

Повеќе од јасно е дека големите светски сили учествуваат во креирањето на политичката реалност. Тие ги носат своите одлуки врз основа на сопствените интереси, но и врз основа на процената за нашата зрелост и способност да опстоиме како посебна нација и организирана држава. Сепак, не можеме за сите наши слабости да ги обвинуваме само другите. Слабост е кога постојано бараш вина во другите пред да ги согледаш своите.

Поминаа 35 години од осамостојувањето на Република Македонија. Затоа мораме искрено да се прашаме во духот на Мисирков ,,што направивме за однапред”. Што направивме и што требаше да направиме за да бидеме почитувани како национална посебност, најнапред од нашите соседи, а потоа и од целата меѓународна заедница? Не можеме да бараме светот да нè почитува ако самите дозволуваме да ни се распаѓаат институциите.

Во раните деведесетти години плурализмот влезе на големата политичка врата. Тоа требаше да биде политичкиот систем преку кој ќе ја креираме сопствената иднина. Создадовме многу партии и добивме многу лидери. За жал, малкумина од нив оставија дела со кои трајно ќе го зајакнеа нашиот национален идентитет, градејќи економски развиен систем во кој ќе владеат правото и правдата. Во трите основни столба на државата: законодавната, извршната и судската власт, дозволивме длабоко да навлезат криминалот и корупцијата. Таквиот систем не им нуди иднина и просперитет на државјаните, на моите сограѓани.

Криминалот и корупцијата не ја ограбуваат само државата, тие ја поткопуваат вербата дека таа заслужува да опстои. Ни го поткопаа умот, ни ги испраа мозоците. Но најтрагично од сѐ што ни ги избркаа младите умови преку ,,одлив на мозоци”.

Надежта, за која велиме дека последна умира, полека се губи меѓу Македонците и другите граѓани на државата. Сè поголем е стравот дали ќе успееме да опстоиме како функционална и самостојна држава. Понекогаш се лутам на надежта што толку долго се очекува. Во економскиот развој со години тапкаме во место, се вртиме во круг како експериментални заморци. Животниот стандард на голем дел од населението е на ниско ниво. Сведоци сме на масовно заминување на младата и репродуктивна популација од земјата, не само заради нискиот стандард, туку заради нискиот морал, ниските страсти на еден корумпиран и неорганизиран систем. Организиран е само криминалот. Кога младите ја напуштаат земјата, не губиме само население. Ја губиме суштината, енергијата и дел од националната иднина.

Не создадовме доволно политичари со визија за иднината на Македонците и на сите наши сограѓани. Наместо тоа, премногу често добиваме функционери кои немаат доволно знаење, искуство и способност за функциите што ги извршуваат. Чест на исклучоците, но сѐ почесто полуписмен полусвет го урнисува системот. Цената за ваквите сериозни грешки ја плаќаме сите ние граѓаните. На високи позиции во државните институции се поставуваат луѓе со сомнителни или купени дипломи, без соодветно искуство, но со силна лојалност кон сопствената политичка партија. Функцијата не е награда за партиска лојалност, туку обврска кон државата и граѓаните.

Правосудниот систем е во голема мера заробен од политичките партии. Наместо да биде ставен во служба на граѓаните и правдата, тој премногу често се става во функција на политичките интереси. Многу често значи многу симптоматично.

Постојат бројни предмети поради кои во јавноста се создава впечаток за силно политичко влијание врз правосудството.

Основното јавно обвинителство во релативно краток период затвори истраги и предмети што предизвикаа големо внимание, меѓу нив и предметот познат како „Мазут“, како и „Талир 1“ и „Талир 2“. Начинот на кој завршуваат ваквите предмети, кај граѓаните создава оправдан сомнеж дека постои премолчен компромис меѓу големите партии на власта и опозицијата. Секако, компромис за нивна меѓусебна недопирливост.

 

Кој ја плаќа колатералната штета од таквиот правосуден систем?

Ја плаќа обичниот граѓанин, кој нема политичка моќ и не може да очекува заштита од големите партии. Слаба држава не може долгорочно да заштитува ниту еден силен национален идентитет. Колку и да е силен, колку и да е силна желбата кај граѓаните, останува само желба, но не и инструмент за јакнење.

Свесно или несвесно, стануваме заедница на разочарани граѓани. Таквите граѓани лесно можат да станат предмет на политички, економски и идентитетски влијанија од соседните земји, за кои основано веруваме дека имаат сопствени, долгорочни интереси во однос на Македонија. Историски потврдено. Сега само ставено во ,,ракавици” со кои се ракуваат нашите политичари и властољупци. Најопасната асимилација не се спроведува со сила, туку преку сиромаштија, разочараност и губење на надежта. Ние Македонците сме нација која во текот на историјата била изложена на силни и долготрајни асимилаторски процеси, па интуитивно може да се запрашаме дали постои иднина за нашиот опстанок како посебна македонска нација?

Да, мои сограѓани. Сè уште сме жива нација и имаме сопствена држава. Но токму затоа ни се потребни фундаментални реформи во политичкиот и општествениот живот.Меѓусебната политичка омраза меѓу власта и опозицијата мора да биде заменета со суштински дијалог за најважните државни и национални прашања. Доаѓањето на власт на кој било политички субјект не смее да се доживува како привилегија. Власта мора да претставува одговорност и обврска да се создаде силен тим од образовани, искусни и чесни функционери, кои совесно ќе ја извршуваат доверената работа. Македонскиот идентитет не се брани само со зборови, туку со праведни институции, развиена економија и достоинствен живот. Нацијата не исчезнува само кога другите ја негираат, туку и кога сопствената држава престанува да ја штити.

Македонец сум и никогаш не сакам да бидам асимилиран од нашите соседи. За да опстоиме како Македонци, не е доволно само да кажуваме кои сме. Мораме да изградиме држава што ќе биде достојна за почит и од сопствените граѓани и од светот.

Нашиот опстанок зависи од нашата способност да работиме со знаење, искуство и морална одговорност. Иднината на Македонија нема да ја обезбедат големите зборови, туку знаењето, чесноста и одговорноста. Опстанокот на нацијата е во рацете на државата!

 

Back to top button
Close