Ѓорѓиевски: Градоначалници да се отповикуваат на референдум, за да нема нови неуспешни примери

Градоначалниците да можат да се отповикуваат на референдум пред да им заврши четиригодишниот мандат е предлог кој го подготвуваат работни групи, за да се направат измени во Законот за локална самоуправа.

„Ќе треба заедно да се седне и со Министерството за локална самоуправа во наредниот период, да се обединат сите сили околу овој закон. Експертската јавност ќе треба јавно да се вклучи, да се дискутира на таа тема. Отповикувањето, според мене, треба да се врши на начин граѓаните по пат на референдум да можат да отповикаат градоначалник“, ијзави претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Орце Ѓорѓиевски по форумот на ЗЕЛС „Здружени“ во ставање крај на родово базираното насилство.

Тој потенцираше дека ова е процес во којшто се засегнати градоначалниците, но, како што нагласи, сите тие едногласно го поддржуваат.

„Сите градоначалници го поддржуваме тој процес, затоа што, за жал, во државава освен во моментот што ни се случува во Градот Скопје, имаме и многу други неуспешни примери и приказни од минатото каде што се чекало да поминат четири години за на некого да му заврши мандатот и затоа имаме состојби во кои во 21 век решаваме фекални канализации, населени места се непокриени со водоводна мрежа, немаат градинки, училиште…“, додаде првиот човек на ЗЕЛС.

Нагласи и дека верува во законско решение кое што во перспектива нема да дозволи да се повтори ситуацијата во Градот Скопје.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close