Орбан:Јас сум Марин Ле Пен
По веста дека лидерката на Францускиот национален митинг (Rassemblement National), Марин Ле Пен, е осудена на четири годишна затворска казна за проневера на европски пари и доби забрана да се кандидира на претседателките избори, се огласи унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Тој на социјалната мрежа Икс напиша “Je suis Marine” (Јас сум Марин).
Десничарската лидерка и 24 други функционери од нејзината партија Национален митинг се обвинети дека пренасочиле повеќе од 3 милиони евра од средствата на Европскиот парламент за плаќање на персоналот со седиште во Франција помеѓу 2004 и 2016 година. Седејќи во првиот ред од судницата во Париз, Ле Пен не покажа никаква реакција додека судијата ја читаше пресудата.
Судијата Бенедикт де Пертуис рече: „Утврдено е дека сите овие лица всушност работеле за партијата без да им бидат доделени задачи од европратеникот. Истрагата, исто така, утврди дека ова не е административна грешка… туку повеќе е проневера како дел од системот дизајниран да ги намали трошоците на партијата“.
Ле Пен ги отфрли обвинувањата дека била на чело на системот чија цел е да се исфрлат средствата од ЕУ за доброто на нејзината партија. Обвинетите негираа дека сториле нешто лошо и тврдеа дека средствата биле користени легитимно.
Судењето траеше девет недели на крајот на минатата година. Ле Пен (56) трипати беше кандидат за претседател, а претходно изјави дека изборите во 2027 година ќе и бидат последен обид да ја освои највисоката функција