Орбан повика на здружување на силите на американските и унгарските конзервативци на изборите во 2024 година

Американските и унгарските конзервативци мора да ги здружат силите на изборите во 2024 година за да ги „презмат “ институциите во Вашингтон и во Брисел од либералите кои ја загрозуваат западната цивилизација, изјави во синоќа премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, обраќајќи се на собирот во Далас.

Орбан рече дека Унгарија и неговата влада се „под опсада на прогресивни либерали“ кои ги обвини дека сакаат да ја одвојат западната цивилизација од нејзините христијански корени, додека про-семејната политика на неговата влада, ставот против имиграцијата и отфрлањето на родовата идеологија се спротивставуваат на тие напори.

„Оваа војна е војна на културите“ рече Орбан, говорејќи на Конференцијата за политичко дејствување на конзервативците во Далас, додавајќи оти е потребна ревитализација на нивните цркви, семејства, универзитети и институции во заедницата.

Во своето обраќање, Орбан додаде дека на САД им е потребен силен лидер кој ќе преговара за мировен договор со Русија за да се стави крај на војната во Украина.

 

„Само силен лидер може да преговара за мир“,

рече Орбан додавајќи дека е потребна силна Америка со силен лидер.

Орбан не се осврна конкретно на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој навести дека повторно ќе се кандидира за претседател во 2024 година. Тој и Трамп имаа топли односи кога Трамп беше на функцијата, а унгарскиот лидер го поддржа Трамп пред претседателските избори во САД во 2020 година.

Неодамна, Орбан беше широко критикуван во Европа, поради коментарите што ги даде за расното мешање, кои беа осудени како расистички и вкоренети во нацистичката идеологија. Во таа насока, тој на присутните на синоќешниот собир во Далас им рече дека оние што го обвинија него или неговата влада за расизам се „идиоти“, додавајќи дека неговата влада усвоила политика на „нулта толеранција“ за расизмот и антисемитизмот.

Десничарскиот националист, исто така, беше критикуван од лидерите на Европската Унија кои велат дека тој ја поткопа демократијата со мерките кои ја ограничуваат имиграцијата и даваат контрола на неговата влада врз медиумите и невладините организации.

Орбан, кој беше реизбран по четврти последователен мандат во април, рече дека влогот за 2024 година е голем.

Во 2024 година покрај претседателските избори во САД, на кои учество најави и поранешниот американски претседател Доналд Трамп се одржуваат избори и за Европскиот парламент.

„Овие две локации ќе ги дефинираат двата фронта во битката за западната цивилизација“ рече Орбан.

Back to top button
Close