Османи: Бугарското општество го отфрли Џамбаски, а нашето штотуку му обезбеди нов мандат како европратеник

Бугарското општество го отфрли Ангел Џамбаски на последните избори, воопшто не им дозволи на нивната партија да влезе во Бугарскиот Парламент. За жал, мислам дека нашето општество штотуку му обезбеди на Џамбаски уште еден мандат во Европскиот Парламент, создавајќи од него некаква политичка ѕвезда од тотален маргиналец во бугарското политичко општество. Ова во интервју за Радио Слободна Европа го изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи давајќи мислење околу последните изјави на европратеникот Џамбаски кои во овие денови добиваат порадикални димензии.

Во однос на изјавите дека секој што ќе покаже територијални претензии или ќе го навредува македонскиот народ, неговите чувства, идентитет, ќе се соочи со забрана за влез во државата и зошто досега Владата не донесе таква одлука, Османи вели дека координациите на државниот врв веќе се одвиваат.

„Мојата цел повеќе беше да се наметне принципот чија цел е да се прекине овој циклус на меѓусебни препукувања, провокации итн“,
вели Османи.

Во однос на повлекувањето на бугарскиот амбасадор од нашата држава и заострувањето на односите на државно ниво од страна на Бугарија, Османи вели дека не би можел да коментира причините.

„Освен тоа што не имаат информирано со нота и кажуваат јавно, меѓутоа доколку е поврзано со инцидентот којшто се случи во Охрид, јас тоа би го сметал за диспропорционална реакција бидејќи, тоа прво е индивидуален инцидент, за кој државата ги презеде сите можни мерки. Ги идентификуваше веднаш сторителите, еден е во притвор, имаше осуда веднаш од страна на претседател, премиер, министер за надворешни работи. Јас отидов во Софија, изразивме тоа што треба државата да го покаже кон наш државјанин и граѓани, така што навистина не гледам што би било поврзаноста меѓу едниот случај и реакција“,нагласува Османи.

Претепан секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид

Според Османи не може еден таков индивидуален инцидент што се случи во Охрид, да се генерализира и да се извлечат заклучоци во однос на тоа како се однесува државата кон заедниците.

„Навистина Република Бугарија влегува во изборен процес. Тие имаат избори на 2 април, а веќе две години нема политичка влада и тоа е навистина отежнувачки фактор, бидејќи изборите обично ги комплицираат сензитивните прашања и не даваат простор за дипломатите, да тие што треба да ја одржат комуникацијата си ја завршат работата како што треба. За жал, и кај нас има политиканство во тој дел, затоа коментирав сезоната на провокатори, насилници и политички профитери е отворена и сега секој е влезен во акција, но ние мора да ставиме стоп на тој циклус на меѓусебно влошување на односите и да ја вратиме позитивната агенда. Мислам дека Северна Македонија направи досега сè што треба во однос на справување со еден инцидент што може да се случува секаде“,
додава Османи.

Back to top button
Close