Османи им се заблагодари на САД за договорот на Приштина и Белград за табличките

Претседателката на Косово, Вјоса Османи му се заблагодари на амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Приштина, Џефри Ховениер, за договорот што синоќа во Брисел го постигнаа претставниците на Косово и Србија во врска со регистерските таблички на возилата на косовските Срби, јави дописникот на МИА од Приштина.

Османи во објава на нејзината страница на Твитер ја оцени како мошне значајна американската улога во процесот на преговорите меѓу Косово и Србија во спречувањето на ескалацијата на состојбите.

– Сакам да му се заблагодарам на амбасадорот (…) Ховениер и на американската влада за нивното активно залагање во постигнувањето на денешниот договор во Брисел. Нивната поддршка за процесот на дијалог меѓу Косов и Србија е неопходна. Косово е благодарно, напиша Османи.

Преговарачите на Косово и Србија, косовскиот вицепремиер Бесник Бислими и директорот на Канцеларијата за Косово при српката влада, Петар Петковиќ, синоќа во Брисел, со посредство на специјалниот пратеник на ЕУ, Мирослав Лајчак, се договорија Приштина да го одложи изрекувањето казни за косовските Срби кои не ги смениле српските со косовски регистерки таблички, додека Белград да престане да издава таблички со српски ознаки за возилата во северно Косово.

Back to top button
Close