Османи од Молдавија побара мирно решавање на конфликтот во областа Транснистрија

Министерот за надворешни работи Бујар Османи утрово во улога на претседавач со ОБСЕ се сретна со молдавскиот вицепремиер и министер за надворешни работи и европска интеграција Нику Попеску, при што порача дека е потребно мирно решавање на прашањето за регионот Транснистрија, кој не е под контрола на молдавските власти.

„Како претседавач, ние имаме за цел мирно, сеопфатно и одржливо решавање на конфликтот во Транснистрија. Секоја резолуција во иднина треба да се заснова на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Молдавија во рамките на нејзините меѓународно признаени граници и специјален статус за Транснистрија“рече Османи.

Османи во посета на Молдавија која се наоѓа во политичка бура

ОБСЕ, посочи тој, ќе застане зад секој напор за целосно спроведување на она што е договорено во врска со прашањето за Транснистрија, како и дека Мисијата на организацијата треба да продолжи да ги посредува средбите и работните групи на двете страни.

„Мисијата на ОБСЕ во Молдавија има долга историја и многу успешни резултати во овој поглед, на што сите треба да се гордееме. Вчера се сретнав со различни проектни партнери потврдувајќи ја нашата силна поддршка за редовно продолжување на сегашниот мандат на Мисијата за да може таа да продолжи да ја извршува својата важна работа која е препознаена од луѓето“нагласи Османи.

Шефот на дипломатијата на Северна Македонија, кој годинава е претседавач со ОБСЕ, вчера ја започна дводневната посета на Молдавија. Таа доаѓа во политички бурен и тензичен период за Молдавија имајќи предвид дека пред четири дена прозападната влада си поднесе оставка, а вчера претседателката Маја Санду излезе со обвинувања дека Русија подготвува напад на државниот врв. Таа рече дека Москва планира да го направи тоа со платеници од Србија, Црна Гора, Русија и Белорусија кои се воено обучени, а ќе бидат камуфлирани во цивилна облека и ќе го нападнат уставниот поредок на државата.

Back to top button
Close