Османи се обрати пред Советот за безбедност и Генералното собрание на Обединетите нации
Во ОН во Њујорк завршува (привремено) единаесеттата Вонредна седница на Генералното Собрание посветена на осуда на агресијата на Руската Федерација врз Украина. Со огромно мнозинство е усвоена Резолуција (141 глас “за” наспроти 7 “против”) за осуда на Руската агресија, барање на одговорност за тоа и барање на запирање на воените дејства на Русија, како и почеток на мировни преговори. Осудата е јасно нагласена и во Советот за Безбедност – со став дека не се работи за изедначување на страните во “конфликтот ” туку дека едната страна е агресор (Русија), додека другата ја брани својата територија и слобода (Украина) за што заслужува солидарност и економска и воена помош.
Македонија и МНР Бујар Османи настапија со говори и на двете седници (ГС и СБ) што се смета за голем дипломатски успех за Македонија бидејќи листата на говорници на Советот за Безбедност беше ограничена на само 30 министри вклучувајќи ги членовите на Советот (15) и од нечленките (15). Осудата на Русија беше дел од 99% од говорите на земјите членки на УН.
Во некои медиуми на Македонија, изненадувачки, од двете седници пренесен беше ставот на Кинескиот амбасадор во СБ кој беше помирлив со Русија барајќи прекин на санкциите и третирајќи ги “двете страни” како еднакви партиципиенти во конфликтот што (имајќи ги предвид 141 гласови за осуда на руската агресија, наспроти само 7-те кои не ја осудија) е фактографски погрешно и тенденциозно пренесување на дебатата на овие седници .