Османи во посета на Молдавија која се наоѓа во политичка бура

Имав одличен состанок со граѓанските организации од двете страни на реката во Кишињев. Нивната меѓусебна соработка е клучна во процесот на обезбедување траен мир и стабилност во Молдавија. Драго ми е што и двете страни во граѓанскиот сектор ја разбираат важноста од дијалог со цел доаѓање до конкретни промени, вели Османи по денешната средба со граѓанскиот сектор

Министерот за надворешни работи и претседавач на ОБСЕ, Бујар Османи, од денеска е во дводневна посета на Молдавија, земјата која се наоѓа во политичка бура и чиј државен врв стравува дека Русија подготвува рушење на уставниот поредок.

 

Почнувајќи ја неговата посета, Османи потенцира дека процесот на помирување во Транснистрија – автономна територија која не е под контрола на молдавските власти и во која живеат Руси, Украинци и Молдавци, е во застој додека војната во Украина создаде нови предизвици за граѓаните.

 

„Молдавија од почетокот на војната прими илјадници бегалци, таа е една од земјите која најсилно ги почувствува последиците од конфликтот. ОБСЕ има исклучително важна задача и проекти во Молдавија, како во процесот на внатрешна политичка стабилизација, така и во развојот на сите аспекти на општеството“вели Османи.

Тој денеска има средба со претставници од невладината организација „Молдавија за мир“ која е поддржана од ОБСЕ, како и со останати претставници од граѓанските организации.

„Имав одличен состанок со граѓанските организации од двете страни на реката во Кишињев. Нивната меѓусебна соработка е клучна во процесот на обезбедување траен мир и стабилност во Молдавија. Драго ми е што и двете страни во граѓанскиот сектор ја разбираат важноста од дијалог со цел доаѓање до конкретни промени. Токму овој вид на конструктивен и инклузивен пристап е потребен за да се изгради доверба и да се поттикне мирот. На состанокот ја истакнав важноста тие да останат активни и вклучени во сите процеси“вели Османи.

Дека Молдавија се наоѓа во бурен политички период говорат и последните случувања во земјата. Пред три дена падна прозападната влада предводена од Наталија Гаврилица, а денеска претседателката Маја Санду излезе со обвинувања дека Русија подготвува напад на државниот врв.

Таа рече дека Москва планира да го направи тоа со платеници од Србија, Црна Гора, Русија и Белорусија кои се воено обучени, а ќе бидат камуфлирани во цивилна облека и ќе го нападнат уставниот поредок на државата.

Претседателката на Молдавија ја обвини Русија дека планира насилно рушење на државниот врв.

Back to top button
Close