Од новозаболените најмногу има во Скопје (35) и во Штип (27)

Осумдесет и девет нови случаи на заразени со коронавирусот се регистрирани во изминатите 24 часа, од кои најголемиот број се од Скопје – 35 случаи.

Висока бројка на заразени денеска има и во Штип – 27, во Куманово има 12, во Прилеп еден, во Тетово седум, во Гостивар еден, во Струмица еден, во Кочани четири и во Свети Николе еден.

Министерот за здравство Венко Филипче на својот профил на Фејсбук, објави дека се направени 727 тестирања во изминатите 24 часа.

Во ГОБ „8 септември“ починаа шест лица, двајца од Скопје на возраст од 83 и 80 години, двајца од Куманово на возраст од 73 и 66 години, еден пациент од Струга на 44 години и еден од Тетово на 65 години. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина еден пациент од Тетово, 54 години.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 17 оздравени пациенти. Оздравени пациенти се регистрирани во Скопје двајца, во Прилеп 12 и во Велес тројца.

Досега во земјата се направени вкупно 30.302 тестирања на Ковид -19. Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие 312 теста се во рамките на скринингот во градинки и геронтолошки установи.Тестирањата се направени преку Центрите за јавно здравје Прилеп и Скопје, а регистрирани се три позитивни случаи во геронтолошка установа во Скопје.

Вкупната бројка на Ковид-19 дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2315, бројката на оздравени пациенти е 1569, на починати е 140, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 606.

Back to top button
Close