Отпуштените работници на УСАИД и активисти за ХИВ протестираат против Трамп и Маск
Отпуштените работници во Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) и активистите за ХИВ одржаа протест пред зградата на Капитол, предупредувајќи дека одлуката на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја затвори агенцијата ја загрозува глобалната борба против вирусот.
Околу 30 демонстранти носеа бели маици на кои пишуваше „Скратување на финансирањето на СИДА-та убива“ и лежеа на подот од зградата на Капитол, во која се сместени канцелариите на членовите на Конгресот од двете партии.
Полицијата на Капитол соопшти дека околу 20 демонстранти биле уапсени бидејќи одбиле да се разотидат, пишува Гардијан.
УСАИД сè уште е во мирување по одлуката на администрацијата на Трамп да ја затвори агенцијата.
Во текот на викендот, УСАИД објави дека ги испраќа повеќето од своите вработени ширум светот, како и речиси 2.000 работници во САД, на платен одмор.
Вработените во Вашингтон се повикани да ги извадат своите лични работи од седиштето на агенцијата, кои ќе бидат претворени во канцелариски простор за Царината и граничната заштита на САД.
Соединетите Американски Држави беа клучен лидер во борбата против ХИВ преку програмата PEPFAR, која обезбедува третман на 20 милиони луѓе ширум светот и беше започната за време на администрацијата на поранешниот претседател Џорџ В. Буш.
Сепак, наглото затворање на УСАИД го запре финансирањето на давателите на услуги поврзани со таа програма.
Републиканското мнозинство во Конгресот, избрано во ноември, досега не покажа интерес за спас на УСАИД и го поддржува неговото затворање и покрај тоа што странската помош претходно имаше двопартиска поддршка, посочува весникот.