Ова се 10-те нови најбогати луѓе во светот: Бил Гејтс испадна од листата

Богатството на контроверзниот Илон Маск се зголеми за неверојатни 25 проценти во текот на ноември, благодарение на растот на акциите на Tesla и вредноста на неговиот старт-ап со вештачка интелигенција. Така, богатството на Маск за прв пат по две години надминува 300 милијарди долари. Акциите на Tesla забележаа голем раст по победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД минатиот месец.

Маск го држи првото место на листата на најбогати од мај, а само ја зголеми својата предност за повеќе од 100 милијарди долари. Форбс проценува дека неговото богатство накратко достигна рекордни 334 милијарди долари на 22 ноември. Според проценките на Форбс, Маск на 1 декември вредел 330 милијарди долари – 66 милијарди долари повеќе отколку пред точно еден месец.

Ноември беше одличен месец и за неколку други членови на листата на десетте најбогати луѓе во светот. Втор на листата, Лери Елисон е вториот и најголем победник. Во текот на ноември тој стана побогат за 22 милијарди долари поради зголемувањето на вредноста на акциите на Oracle. Сега богатството на Елисон е 227 милијарди долари. Основачот и претседател на Амазон, Џеф Безос е на третото место, а неговото богатство се зголеми за 19 милијарди долари на 223 милијарди долари, благодарение на растот на акциите на Амазон за 11 отсто.

Заедно, 10-те најбогати луѓе во светот имаат 1,81 милијарди долари, што е за 106 милијарди долари повеќе од пред еден месец, пренесува Форбс Хрватска.

Кој загуби најмногу?

Најголем губитник во оваа елитна групација е францускиот магнат на луксузни стоки Бернар Арно, чие богатство во текот на ноември паднало за околу 9 милијарди, на 160,3 милијарди долари. И покрај овој пад, Арно успеа да го задржи своето место како петти најбогат човек во светот. Акциите на неговиот конгломерат LVMH паднаа во текот на ноември за околу 6 отсто, а во последните шест месеци за 20 отсто поради послабата продажба во Кина.

Бил Гејтс, кој со години ја уживаше титулата најбогат човек на светот, на 1 октомври целосно испадна од листата на десетте најбогати луѓе.

Тоа е прв пат од 1991 година основачот на Мајкрософт да не се најде на оваа листа. Богатството на Гејтс е значително намалено (тој моментално се наоѓа на 14-то место со богатство од околу 107 милијарди долари), меѓу другото, поради поделбата на имотот при неговиот развод со Мелинда Френч Гејтс.

Back to top button
Close