„И сега, кој е идиот“ – реагира Билјана Ивановска по веста дека договорот на Лотарија со „Стардаст“ е склучен на денот на затворањето на повикот


Однапред смислено е склучувањето на договорот во вредност од 4,8 милиони евра за прославата по повод 35 години од независноста на Македонија меѓу Државна лотарија и фирмата „Стардаст“, реагира поранешната претседателка на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска. Во објава на Фејсбук таа ги коментира документите објавени од „Слободен печат”, а добиени од Министерството за правда, во кои се гледа дека договорот бил склучен на 8 мај, истиот ден кога заврши јавниот повик.

Според документите, Министерството за правда на 16 септември издало решение со кое спонзорството на Лотарија кон „Стардаст“ се потврдува како спонзорство од јавен интерес во областа на културата, по завршувањето на настаните околу прославата, а барањето од страна на Државна лотарија до министерството било испратено на 12 август, три дена по почетокот на карванот и програмата „Силно светнал ден“.

„И сега? Кој е идиот? Директорот на Државна лотарија, Александар Климовски, на прес-конференцијата на која даваше отчет за потрошените народни пари, рече дека на 8 мај, во 10 часот и 41 минута во нивните простории стигнала единствената понуда од ‘Стардаст’ на околу 100 страници. Од договорот произлегува дека до крајот на денот – ем била прегледана програмата на 100 страници од страна на тричлената комисија, чиј претседател Николче Мицевски подоцна се појави како учесник во програмата како автор на оркестрациите на Хосе Карерас – ем бил составен договорот меѓу Државна лотарија и ‘Стардаст’ на износ од 300 милиони денари, ем бил потпишан од страна на директорот Александар Климовски и управителката на „Стардаст“ Миа Милошевска. А Министерството за правда на 16 септември издало решение, откога се е завршено. Значи, се е однапред смислено“,

реагира Ивановска.
Формулацијата со која Ивановска ја почнува реакцијата потсетува на одговорот на Бобан Милошески од „Авалон интернешнл букинг“ на прес-конференцијата пред концертот на Дејвид Гета. Новинарката на „Слободен печат“, Мирослава Симоновска, го праша зошто не е објавена сумата од договорот за настапот и дали постои клаузула што го спречува тоа.

„Дали ти изгледам јас ко идиот“, одговори Милошески, кој прашањето го оцени како провокација и посочи дека прес-конференцијата е посветена на организацијата и безбедноста на концертот.

На подоцнежната прес-конференција за трошоците за прославата, Милошески јавно им се извини на Симоновска и на редакцијата на „Слободен печат“, објаснувајќи дека одговорил во афект, поради умор и стрес.

На 10 септември владината портпаролка Марија Митева заедно со директорот на Државна лотарија, Александар Климовски кажаа дека 300 милиони денари за прославата биле обезбедени од нераспределената добивка на Лотарија за 2024 година.

На прес-конференцијата одржана по прославата на независноста, тие сопштија дека Државна лотарија донела одлука за формирање комисија за спроведување постапка по јавен повик. Тој е објавен на 4 мај со број 01-35Ц/2026, и во него се утврдени условите кои понудувачот треба да ги исполнува, вклучително и условот да има реализирано најмалку еден настан со значителен капацитет на посетеност, да располагаат или да имаат обезбеден пристап до професионални продукциски, технички, сценски и логистички капацитети, како и да имаат искуство во организација на јавни настани, концерти, фестивали и други слични настани.

На јавниот повик е доставена една понуда, од „Стардаст“ ДООЕЛ Скопје, односно субјектот преку кој во конкретната постапка настапува „Авалон интернешнл букинг“.

Back to top button
Close