За 69 отсто зголемени пријавите за семејно насилство, речиси 1.900 случаи за десет месеци, меѓу жртвите и 100 деца

Бројот на пријавени случаи на семејно насилство во Македонија бележи значителен раст. Во првите десет месеци од 2026 година во полицијата биле пријавени 1.897 настани, наспроти 1.125 во истиот период минатата година, што претставува зголемување од околу 69 проценти.

Истовремено, регистрирани се 1.489 кривични дела поврзани со семејно насилство, што е за околу 51 процент повеќе во споредба со 984-те случаи во првите десет месеци од 2025 година.

Податоците биле презентирани на брифинг во Министерството за внатрешни работи од Билјана Шуперлинска, помошник-директор во Одделот за криминалистичко разузнавање и анализа. Најголем дел од пријавените настани, околу 20 проценти, се регистрирани на подрачјето на СВР Скопје.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски зголемувањето на пријавите го поврза со поголемата охрабреност на жртвите да побараат помош и зголемената доверба во полицијата.

Против 1.521 сторител се поднесени кривични пријави, наспроти 1.025 во истиот период лани. Притвор е определен за 163 лица, додека се изречени и 167 забрани за приближување.

Според анализата, жените најчесто се жртви на насилство од сопрузите, а потоа од партнерите во вонбрачни заедници и од нивните синови. Мажите сочинуваат 91 процент од сторителите.

Особено загрижува податокот дека во првите девет месеци од годинава биле евидентирани 100 деца жртви на семејно насилство.

На брифингот било отворено и прашањето за фемицидите и квалификацијата на кривичните дела поврзани со семејно насилство. Од МВР појасниле дека правната квалификација на конкретното дело се утврдува во соработка со надлежното обвинителство, кое често предлага како да биде квалификувано делото.

Како пример бил посочен случајот во Гевгелија, каде што ОВР Гевгелија првично поднело кривична пријава за телесна повреда во рамките на семејно насилство, по што обвинителството ја преквалификувало.

Во однос на конкретниот случај, од МВР нагласиле дека постапката сè уште трае и дека треба да се утврдат сите околности. Според информациите презентирани на брифингот, жената била пронајдена на споредна улица од случаен минувач, по што полицијата реагирала за околу десет минути. Било посочено и дека судот ги прифатил предложените мерки и веднаш определил мерки на претпазливост.

Според годишните статистики, во 2025 година биле регистрирани 1.195 кривични дела поврзани со семејно насилство, додека само во првите десет месеци од 2026 година бројката достигнала 1.489.

Back to top button
Close