Венецијанската комисија ќе го оценува новиот модел за полагање на правосудниот испит

Владата ја усвои потребата од итно мислење од Венецијанската комисија за предложениот модел за полагање на правосудниот испит, соопшти Министерството за правда.

Со ова се бара независна меѓународна експертска оцена за тоа дали предложеното решение е усогласено со Уставот, меѓународните правни инструменти и европските стандарди.

Во рамките на постапката, известителите на Венецијанската комисија ќе одржат средби со претставници на надлежните институции, парламентарните политички партии, деканите на петте правни факултети и претставници на студентските организации.

Предвидени се и практични демонстрации на двата дела од испитот – писмениот во Апелациониот суд во Скопје и усниот во Министерството за правда.

Предложениот модел предвидува единствен систем на полагање, со еднакви услови и исти професионални критериуми за сите кандидати, без посебни испити или различни стандарди.

Венецијанската комисија е советодавно тело на Советот на Европа во кое се застапени 61 држава членка. Нејзиното мислење треба да обезбеди независна стручна перспектива при оценувањето на предложеното законско решение.

Од Министерството за правда порачуваат дека законските решенија треба да се темелат на Уставот, правото и европските стандарди, а одлуките да произлегуваат од правни аргументи и стручна анализa.

Back to top button
Close