Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ на 4 февруари цел ден ќе чува стража на гробот на Гоце Делчев

По денешната седница на Централниот комитет на Институтот, претседателот Пандов го осуди „шовинизмот и негаторските политики што доаѓаат од Бугарија и се дополнително распламтувани од поединци од бугарската политика“

Претседателот на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Пандов, вели дека во пресрет на одбележувањето на денот на раѓањето на македонскиот херој Гоце Делчев, раководството на Институтот ќе организира „херојска стража“ со присуство на гробот на револуционерот на 4 февруари во текот на целиот ден. По денешната седница на Централниот комитет на Патриотскиот инситут, Пандов ги повика и сите граѓани и почитувачи на делото на Делчев да дојдат за да изразат почит.

“Го осудуваме шовинизмот и негаторските политики што доаѓаат од Бугарија и се дополнително распламтувани од поединци од бугарската политика. Гоце е Македонија и Гоце припаѓа на светот. Упатуваме повик до македонскиот народ, македонската Влада и сите добронамерници за достоинствено поклонување на гробот на Македонецот Гоце Делчев”,рече Пандов.

Вчера, во врска со одбележувањето на 4 февруари, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека МВР и агенциите имаат секојдневни активности и дека се формира посебен штаб за оваа активност.

На социјалните мрежи од пред два дена се организираат граѓани кои планираат да постават блокади на патиштата со цел да ги спречат бугарските државјани, кои најавија дека доаѓаат во Скопје на 4 февруари за одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Освен најави за „ноќна стража“ од 3 февруари пред црквата „Свети Спас“, каде што се наоѓа гробот на Делчев, во повик на Фејсбук се повикува и на блокада на патиштата.

Министерот Спасовски посочи дека нема никаква потреба од какво било организирање на граѓаните за блокади на патиштата или ноќни стражи, затоа што, како што нагласи, тука се институциите на системот.

„Апелирам до сите на мирно, достоинствено чествување, а државата, МВР и безбедносните служби се тука да направат сè и да обезбедат мирни услови“,кажа Спасовски.

Инаку, вчера во телефонски разговор помеѓу премиерите на С Македонија и на Бугарија, Димитар Ковачевски и Галаб Донев, било договорено в понеделник, 30 јануари, вицепремиерот и министер за внатрешни работи во бугарската влада, Иван Демерџиев, и претседателот на Државната агенција за национална безбедност (ДАНС), Пламен Тончев, да остварат работна средба со колегите во Скопје на која ќе ги прецизираат заедничките активности за обезбедување мирна и безбедна средина за прославата на 4 февруари.

Ковачевски и Донев зборувале и за санкционирање на секој што ќе ги наруши мирот и безбедноста на 4 февруари

Во разговорот со бугарскиот технички премиер, а во контекст на претстојното чествување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, премиерот Ковачевски потенцирал дека оние поединци, без разлика дали се од Северна Македонија или Бугарија, кои ќе го нарушат мирот и безбедноста со своите активности, ќе бидат соодветно санкционирани

Back to top button
Close