Пендаровски ги одликуваше Бедија Беговска, Благоја Чоревски, Ѓокица Лукаревски, Оливера Николова, Рефет Абази, Ристо Вртев и Слободан Унковски со Орден за заслуги

Претседателот Стево Пендаровски, на свечена церемонија што се одржа вчеравечер во Филхармонија ги одликуваше Бедија Беговска, Благоја Чоревски, Ѓокица Лукаревски, Оливера Николова, Рефет Абази, Ристо Вртев и Слободан Унковски со Орден за заслуги за Република Северна Македонија.

Бедија Беговска е одликувана за значајната, плодна и интернационална кариера како една од најпознатите театарски и филмски актерки, која со својата театарска прецизност и моќна интерпретација прерасна во една од водечките актерки, не само во Македонија, туку и пошироко.

Благоја Чоревски е одликуван за извонредната актерска игра со која има обезбедено почесно место во пантеонот на македонскиот театар воопшто, актер со моќна трансформација и со вештина за импровизација, актер во кој истовремено се судираат трагичното и смешното, комичното и драмското.

Ѓокица Лукаревски е одликуван за извонредната четиридецениска актерска кариера во македонскиот театар. Доајен на македонското актерство, со неверојатна моќ на трансформација и интерпретација на различни ликови, од сериозни до комични, со што го покажа својот непроценлив актерски талент.

Оливера Николова е меѓу најзначајните македонски прозаистки чиешто творештво се одликува со исклучителна ритмичка возбудливост и со раскошен емоционален и модерен сензибилитет. Николова стои на самиот врв на современата македонска книжевност чиишто дела ќе одѕвонуваат и во иднина.

Рефет Абази е еден од најзначајните и најкомплексните актери од средната генерација, но, воедно, и исклучителен писател и плоден педагог, како и професор по актерско мајсторство. Се одликува за огромниот спектар на актерски остварувања коишто се одликуваат со темелен, аналитички и методолошки пристап.

Ристо Вртев се одликува за непроценливото и за трајното значење во современата македонска култура и уметност. Тој е творец на македонската музичка авангарда и еден од креаторите на новиот, храбар и алтернативен бран на македонската музичка сцена, којшто остава маркантно влијание и на просторите на поранешна Југославија, во чии рамки е највисоко рангиран.

Слободан Унковски се одликува за огромното, уникатното и светското значење во современиот театар. Неговото име е впишано длабоко, не само во националната, туку и во светската историја на театарот, неговите дела претставуваат пресвртница во творештвото на поединечни уметници, но и на театрите воопшто.

Back to top button
Close