Пендаровски и Штајнмајер на дебата со млади од Претседателскиот центар за политичко образование

 

Една од обврските на политичарите е да овозможат услови и да го поттикнат економски развој на државите, со цел младите да имаат перспективи во нивните земји.

Ова го порачаа претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер и неговиот домаќин и колега Стево Пендаровски на денешната средба во Старата чаршија во Скопје со Алумни членови на Претседателскиот центар за политичко образование и стипендисти на партнерските организации на центарот, на која се дискутираше за перспективите на младите во Северна Македонија и за процесот на европска интеграција на регионот.

 

Претседателите Пендаровски и Штајнмајер, како што се наведува во соопштението, со младите разменија мислења за актуелните прашања во Европа и регионот, за европските перспективи на земјите од Западен Балкан, евроинтеграциите на Северна Македонија, предизвиците на младите, растечкиот евроскептицизам и принципот на консензус во однос на проширувањето на ЕУ, справувањето со одливот на мозоци, обезбедувањето на перспективи за младите.

 

-Претседателот Штајнмајер ги поздрави активностите на Претседателскиот центар за политичко образование и истакна дека му претставува задоволство да ги слушне ставовите на младите од Северна Македонија, нивните размислувања за Европската Унија, како и нивните очекувања од Германија, се посочува во соопштението од кабинетот на претседателот Пендаровски.

 

Претседателски центар за политичко образование (ПЦПО) е формиран со одлука на претседателот Стево Пендаровски во насока на заложбите за јакнење на демократските политички вредности, промоција и заштита на човековите права и слободи, политичкиот плурализам, меѓусебната толеранција, заедништво и солидарност. Во рамки на ПЦПО се одржува Школата за политики, а партнери на проектот се Фондацијата „Фридрих Еберт”, Фондацијата за демократија на Вестминстер, Фондацијата „Конрад Аденауер”, Националниот демократски институт за меѓународни работи (НДИ), Меѓународниот републикански институт (ИРИ) и Фондацијата „МК2025″.

 

Претходно, двајцата претседатели се прошетаа низ Старата скопска чаршија, како културно-историски дел од градот и симбол на нашето мултиетничко општество. Тие посетија работилница за филигран и се запознаа со начинот на изработка на уникатен накит, каде неизоставен дел беа и експонати на македонскиот рубин. Во Сули ан, поразговараа со студенти од Факултетот за ликовни уметности, при УКИМ и посетија едно од ателјеата каде се одржува нивната настава.

 

Пендаровски и Штајнмајер престојуваа и во Националната галерија Чифте Амам, каде што се сретнаа со Хатиџе Муратова и проследија инсерти од филмот „Медена Земја”.

Претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, престојува во дводневна официјална посета на Република Северна Македонија. Од Скопје германскиот претседател ќе замине во посета на Албанија

Back to top button
Close