Пендаровски на самит на ПСЈИЕ: Интегрирањето на Западниот Балкан е во политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на Самитот на шефови на држави и влади на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што во рамките на турското претседавање се одржува во Анталија, Република Турција.

Како што соопшти Кабинетот на Пендаровски, нагласувајќи ја важноста од регионалната соработка, претседателот во своето обраќање истакна дека, во рамките на ПСЈИЕ, во изминатиов период се постигнати значајни резултати, како во политичката, така и во економската, безбедносната и социјалната сфера.

– Ние сме релативно мали како земји и економии, но заедно сме силни. Фактот дека имаме разлики и различни ставови за членство во разни меѓународни сојузи, не исклучува поблиска соработка во сите поврзани секторски области од заеднички интерес, рече претседателот Пендаровски, осврнувајќи се на пандемијата од Ковид-19 која наметна изнаоѓање нови начини на соработка, давајќи приоритет на економското закрепнување на регионот на Југоисточна Европа.

Стратегијата ЈИЕ 2030, која треба да се одобри денес, нагласи претседателот Пендаровски, е пресвртница за регионалната соработка во Југоисточна Европа, а нејзината имплементација се очекува да  донесе зголемен просперитет, подобар квалитет на живот и да му помогне на регионот да ги постигне целите поставени од глобалното семејство на нации.

Во контекст на евроинтеграцискиот процес, Пендаровски нагласи дека државите во ЈИЕ споделуваат заеднички историски, цивилизациски, културен и економски континуитет, па затоа, имајќи ја предвид сложеноста на потребната трансформација, „различните ставови за некои важни историски прашања дури и меѓу блиските сојузници не смеат да ги спречуваат соработката и пријателството“.

– Тие не треба да го поткопуваат еден од најинспиративните проекти во историјата, европската интеграција, особено во нејзината следна фаза кон партнерите од ЈИЕ, потенцираше претседателот Пендаровски, додавајќи дека интегрирањето на Западниот Балкан е во политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ, а претставува и геостратешка инвестиција во стабилна и просперитетна Унија.

 Во својот говор претседателот истакна дека Северна Македонија  покажа храброст и мудрост за решавање тешки билатерални прашања, осврнувајќи се на Договорот од Преспа со Грција и Договорот за пријателство со Бугарија во насока на градење добрососедски односи и надминување на разликите преку дијалог и разбирање.

Back to top button
Close