Пендаровски: Штајнмајер е голем политички авторитет

Иако тој сигурно не би сакал за тоа да се зборува, морам да кажам дека претседателот Штајнмајер имаше значајна улога во напорите да ја надминеме бугарската блокада на нашите евроинтеграции, вели македонскиот претседател

„Посетата на еден германски претседател е секогаш важен настан, дури и кога се во прашање најголемите држави во светот, а не пак кога доаѓаат во една мала европска земја како нашата“, вели за ДВ македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој денеска и утре е домаќин на неговиот германски колега Франк-Валтер Штајнмајер.

 

Точно напладне, претседателот на Сојузна Република Германија ќе биде пречекан на официјална церемонија со највисоки државни и воени почести, по што ќе следува тет-а-тет на двајцата претседатели, пленарен состанок на делегациите од двете земји и заедничка прес-конференција на Пендаровски и Штајнмајер. Германскиот претседател денеска ќе се обрати во македонското Собрание, а потоа со Пендаровски ќе положат венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“. Попладнето ќе има средба со премиерот Ковачевски.

 

„Личниот авторитет и интегритет на актуелниот германски претседател е голема додадена вредност, затоа што, неспорно, станува збор за еден од најголемите политички авторитети во светот во последнава деценија. Мојата прва билатерална посета како претседател беше токму на Берлин и оттогаш имав чест во повеќе прилики да се среќавам со господинот Штајнмајер, при што изградивме лични релации на взаемна доверба и почит. Иако тој сигурно не би сакал за тоа многу да се зборува, морам да споменам дека претседателот Штајнмајер имаше значајна улога во напорите да ја надминеме бугарската блокада на нашите евроинтеграции. Претседателот Штајнмајер е со завиден бекграунд и искуство во областа на дипломатијата и безбедноста, и истовремено е еден од најдобрите познавачи на нашиот регион. Така што, сигурно ќе има што да каже за тоа како подобро да ги контролираме тензиите кои се појавуваат одвреме-навреме и евентуално да се приближиме до оддржливи решенија за неколкуте отворени прашања кои постојат на Западниот Балкан“, вели македонскиот претседател.

 

Три децении соработка

По Роман Херцог и Хорст Келер, Штајнмајер е третиот германски сојузен претседател што доаѓа во посета на РСМ. Двете земји следната година ќе одбележат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи (16.12.1993 година), а во целиот тој период СРГ има значаен придонес во стабилизирањето на македонската економија.

„Секоја објективна анализа ќе покаже дека – ако САД и Велика Британија беа клучни екстерни актери, кои во раните ‘90-ти години ни помогнаа да ја етаблираме во меѓународни рамки младата македонска држава, Германија, без сомнение, најмногу придонесе да ја стабилизираме економијата и стандардот на живеење на граѓаните. Само неколку факти се доволни за да ја поткрепат оваа теза: Германија е наш најголем трговски партнер со години наназад, 45% од нашиот извоз се пласира во Германија, а, 200 компании со германски капитал вработуваат околу 15.000 македонски граѓани“, потенцира претседателот Пендаровски.

Оттука, не е случајно што за време на дводневниот официјален престој Штајнмајер утре ќе замине во посета на две големи германски инвестиции – Ветерниот парк во Богданци и компанијата „Дрекселмајер“ во Кавадарци, а ќе посети и една винарија.

 

Политика, ама и мед

Во рамки на посетата Штајнмајер ќе има средба и со млади од Претседателскиот центар за политичко образование, а во неговата агенда се предвидени и други интересни активности. За време на утрешната прошетка низ Старата скопска чаршија германскиот претседател ќе се сретне и со студенти од Факултетот за ликовни уметности, но и со екипата на „Медена земја“, филмот кој беше номиниран за „Оскар“ во 2020 година. И тоа не е случајно, ако се знае дека во еден дел од градината на претседателска палата во Берлин, „станари“ се и пчелни семејства, како гест за подигање на јавната свест за нужноста од зачувување на животната средина. Па, се очекува домаќините од реномираниот македонски документарец утре да добијат на подарок берлински мед, а гостинот – примерок од надалеку прочуениот производ на Атиџе Муратова.

Во чест на Штајнмајер Пендаровски вечерва ќе организира државна вечера со околу 80 званици, меѓу кои голем дел од оние што го претставуваат сврзното ткиво на македонско-германската соработка во науката, културата, бизнисот, политиката… По дводневната посета на РСМ, Штајнмајер заминува во дводневна посета на Албанија. Од земјата на виното и медот, ќе замине со претседателски подарок – уникатна резба изработена од копаничарот Илија Новаковски.

Извор: дв

Back to top button
Close