Пешадија и коњаница

Ви пренесуваме дел од колумната на Горан Михајловски за СДК:

Многу ме интересира како им текна на Христијан Мицкоски и новите пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ да тргнат на Водно среде август, на плус 30 степени, да бараат објаснување од претседателот Стево Пендаровски зошто му го дал мандатот за состав на влада на Зоран Заев. Како тече процесот за донесување таква одлука? Како тоа, си седеле на фотелјите во тоа белата палата под портретот на некој револуционер и оп, им светнала идеја – ај да му се качиме ние на Пендаровски. Кому прв му текнало, дали некој се побунил, дали некој имал друга идеја…

Мора да било спонтано, според тоа како беа облечени. Не се качува на Водно по бели кошули, по фустанчиња и штиклички. Госпоѓите се дотерале ко за прва прес-конференција за пред камери, да ги видат на телевизија, а Мицкоски ги спотера да се качуваат на планина. Ни капчиња немаа, белким им останале од тоа промотивните материјали за избори. Ко дамла да ги имаше удрено, кога ги гледав испоседнати на тревникот под сенките.

Барам разумно однесување за маршот кон Водно и ми текнува дека можеби, едноставно, новата пратеничка група на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ почна да го практикува откажувањето од патни трошоци. Отсега натаму, наместо да им даваме пари за бензин и патарини, ќе им купуваме чевли, патики за планинарење и маички низ кои испарува потта.

Ај што го искачија Водно, туку, не видовме како се симнаа. Да беше Игор Јанушев уште директор на ЈСП, ќе си викнеше еден панорамски автобус, барем да си ги издуваат главите од уставните дилеми што ги решаваа додека чекаа под сенките. А можеше и Тимчо Муцунски да ги префрлува еден по еден на тури со тротинетчето. Само Рашела Мизрахи фалеше да се качи на коњот. Па Мицкоски, како воен стратег, да го нападне Водно со мешовити единици – коњаница и пешадија. Оклопно-моторизирана единица немаат од оправдани причини. Оти командантот на механизираната единица го искористи гепекот за транспорт до Будимпешта. До таму и со коњ е далеку, а не пак пешки.

Ако по 19 дена ВМРО-ДПМНЕ реши да ги одмрзне односите со претседателот, Мицкоски да си се подготви соодветно кога ќе тргне по мандатот. Како му рече Пендаровски? Уште рано сабајле да се качи на Водно, по ладот, да не го фаќа горештината.

Целата колумна на СДК на следниот линк

Back to top button
Close