Пет деца повредени во Австрија: експлодирала муниција од Втората светска војна под логорски оган

Пет деца на возраст од 10 до 14 години се повредени во северниот дел на Австрија откако неексплодирана муниција од Втората светска војна се активирала под нивниот логорски оган, соопшти денеска полицијата.
Децата пристигнале од друго село во истата покраина Горна Австрија, а засега не е познат степенот на нивните повреди, пренесува Ројтерс. Несреќата се случила во населбата Санкт Освалд кај Фрајштад, каде група млади кампувале на отворено.
Портпарол на покраинската полиција изјавил дека по инцидентот бил извршен увид на местото, при што во близина било пронајдено уште едно експлозивно средство, исто така идентификувано како неексплодирана воена муниција. Поради тоа, на терен била повикана специјална единица за деактивирање бомби.
Истрагата треба да утврди како воената муниција завршила во подрачјето каде што децата запалиле оган, наведуваат од полицијата. Иако во Австрија повремено се откриваат остатоци од Втората светска војна, најчесто при градежни работи, вакви инциденти се сметаат за реткост.
Извор: skopje1.mk






