Петер Маѓар: Сијарто уништува документи за санкциите кон Русите

Победникот на изборите во Унгарија, Петер Маѓар, на својата прва прес-конференција за меѓународната јавност, објави дека унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во владата на Виктор Орбан се затворил во кабинетот заедно со неколку блиски соработници за да уништуваат документи поврзани со санкциите против Русија, пренесува про-опозицискиот унгарски медиум „Сабадон Маѓар“ (Слободна Унгарија).

Во својата објава на „Икс“, медиумот вели дека Сијарто уништува „докази за своето предавство“. На неа е прикачено и видео на кое Петер Маѓар објавува детали за случувањата.

„Во десет часот утрово тој се појавил во Министерството за надворешни работи, истото министерство што имало руски хакери во своите системи цела година, заедно со Ѓармати Ештер, и од тогаш тој и неговите блиски колеги уништувале документи за санкциите против Русите“,вели Маѓар во видеото.

За Сијарто во изминатиов период се појавија информации дека редовно го брифирал рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за состаноците во Европската Унија. Информацијата ја објави „Вашингтон пост“, а самиот Сијарто потоа призна дека разговарал со Лавров додека траеле состаноците во ЕУ, но негираше дека прекршил некакви безбедносни протоколи.

Питер Сијарто, министер за надворешни работи на Унгарија во заминување

Како што рече тој, било нормално да разговара со партнерите на Унгарија што се надвор од ЕУ за прашања што може да ги засегаат нивните односи, а тоа се прашања поврзани со енергетиката, автомобилската индустрија и друго.

Европската комисија ги нарече овие појави „загрижувачки“ и побара Унгарија да ги објасни.

Во својата предизборна кампања Петер Маѓар најавуваше дека ќе работи против руското влијание во Унгарија. На јавните собири пред и по победата на неговата партија Тиса, симпатизерите извикуваа „Руси, одете си дома“ и носеа транспаренти на кои Орбан и неговата влада беа прикажувани како руски соработници.

Маѓар на вчерашните парламентарни избори во Унгарија му нанесе тежок пораз на Виктор Орбан, освојувајќи двотретинско мнозинство во парламентот.

Back to top button
Close