Петровска: Покажавме дека НАТО значи и посилна одбранбена соработка, потпишавме Договор за билатерална соработка со Португалија
За заедничко добро и развој на двете вооружени сили, ќе има интензивна соработка и консултации во доменот на безбедносната политика, мировните операции, заедничката обука и едукација, а ќе се работи и на заштитата на животната средина во контекст на армиските активности, рече министерката Петровска
Северна Македонија и Португалија потпишаа Договор за билатерална соработка во одбраната и со тоа покажавме дека НАТО значи и посилна одбранбена соработка, затоа што имаме заедничка, единствена цел, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната прес-конференција по потпишувањето на договорот со министерката за одбрана на Португалија, Марија Хелена Кареирас, која е во прва официјална посета на земјава.
„Денеска е важен ден за нашите министерства и за нашата соработка бидејќи првпат потпишавме Договор за билатерална соработка во одбраната помеѓу сојузничките Северна Македонија и Португалија“рече Петровска.
Петровска додаде дека за заедничко добро и развој на двете вооружени сили, ќе се посветат на интензивна соработка и консултации во доменот на безбедносната политика, мировните операции, заедничката обука и едукација, а ќе се работи и на заштитата на животната средина во контекст на армиските активности.
Министерката за одбрана на Португалија, Марија Хелена Кареирас, изјави дека како партнери во Алијансата цврсто верува дека заедничките цели во безбедноста и одбраната можат да се постигнат само преку зајакнување на сојузите, идеја, како што посочи, што денеска беше реафирмирана со потпишувањето на Договорот за одбранбена соработка меѓу нашите земји.
„Овој договор ќе послужи како камен-темелник за развојот на нашите односи. Би сакала да истакнам некои области на соработка што имаме намера да ги развиеме, како што споменавте, вклучувајќи редовни политичко-стратешки консултации, ангажмани за одржување на мирот, воена обука и вежби, соработка во областа на Заедничката безбедносна и одбранбена политика, сајбер безбедноста, одбранбените индустрии, агендата за жените, мирот и безбедноста, како дел од областите на кои што можеме да работиме во иднина“рече Кареирас.