Пијан и без возачка прегазил жена, сега ќе го менува системот што убива – Како ќе го смениш системот кој од осуден криминалец те направил пратеник?!
На протестот побрзаа да се залепат и некои политички партии, кои веројатно во страв дека протестит ќе земат голем замав, го поддржуваат протестот иако се во позиција да го поправат или сменат „системот“ против кој протестираат, а од кого се дел.
Порталот Инфомакс ја објави пресудата против актуелниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на подмладокот на партијата, Сергеј Попов, кој инаку даде поддршка на протестот против, како што вели тој во објава на Фејсбук, „системот кој убива и дозволува криминалци да шетаат по улиците“
Заедно со моите колеги од УМС, денес ќе се придружиме на протестниот собир пред Силбо, да изразиме сочувство за Фросина, како и револт против системот кој убива. – стои во објавата на Попов на Фејсбук.
Попов, како што ќе можете да видите подолу во пресудата која гледачи ја испратија до редакцијата на Инфомакс, е осуден поради тоа што без возачка дозвола и под дејство на алкохол прегазил жена, која за среќа не го загубила нејзиниот живот.
Во пресудата точно се наведени сите околности под кои се случила сообраќајката.
– На ден 24.12.2014 година во 07,00 часот во С., како учесник во сообраќајот на јавните патишта не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај, така што го довел во опасност телото на луѓето, на начин што управувал патничко моторно возило марка „Форд Фокус“ со рег. бр. …, сопственост на И П од С., со правен на движење од кружен тек кон Центар, па кога пристигнал со возилото на крстосницата со ул.„Аминта Трети“ и влез-излез од паркинг просторот пред објектот на „Клуб на Пратеници“, постапил спротивно на чл.43 ст.3, чл.235 ст.1 т.4 и чл.234 ст.1 од ЗБСП, на доволна оддалеченост пред крстосницата, со возилото не зазел положба на онаа сообраќајна лента по која задолжително требало да помине низ крстосницата, со тоа што завзел положба на сообраќајна лента наменета за движење на возилата за право и десно, свртувајќи во лево со правец на движење кон ул.„Аминта Трети“, возилото го управувал без положен возачки испит за управување со моторно возило од определена категорија и при тоа возилото го управувал со концентрација од 1,43 грам промили алкохол во крвта, иако бил свесен дека поради тоа може да
настапи штетна последица, но се согласил со нејзиното настапување, поради што во левата бочна страна на возилото, бил удрен од предниот десен дел од патничко моторно возило марка „Голф“ со рег. бр…, управувано од Д.Ц. по левата сообраќајна лента од ул.„Метрополит Теодосиј Гологанов“ со правец на движење од кружен тек кон Центар, а во моментот на незгодата со возилото навлегол на крстосницата со ул.„Аминта Трети“ и влез-излезот од паркинг просторот пред објект на „Клуб на Пратеници“, задржувајќи го правецот на движење за право по ул.„Метрополит Теодосиј Гологанов“, од кој удар оштетената С Ц, сопатник во патничкото моторно возило марка „Голф“, се здобила со телесни повреди изразени во вид на нагмечување на главата – стои во пресудата.
Накратко, Попов е осуден за исто кривично дело „Загрозувње на безбедноста на сообраќајот“ од чл.297 ст.1 од КЗ на РМ кој предвидува парична казна или казна затвор од една до три години.
Во случајов, Попов нема казна затвор, нема ниту условна казна затвор која можела да биде изречена во ситуацијава, има само парична казна и тоа од само 30.750,00 денари, што претставува 50 дневни глоби, секоја глоба од по 10 евра во денарска противвредност од 615,00 денари.
Актуелниот пратеник на ВМРО ДПМНЕ, Сергеј Попов, е син на академикот Живко Попов.
И да, протестот за Фросина и за сите слични случаи е оправдан и граѓаните имаат право да бараат правда и промени во системот, но како пратеникот кој е производ на овој систем сега продава морал по социјални мрежи? Истиот систем наместо да го смести во затвор му изрекол парична казна и забрана за управување со моторно возило, па како што вели Попов, системот дозволил осудени криминалци да се шетаат по улиците и еве како во неговиот случај, да станат пратеници. (Инфомакс)