По повод 15-годишнината од препливувањето на „Ла Манш“, маратонецот Томи Стефановски со подвиг на Охридското Езеро ќе организира хуманитарен настан
По повод 15-годишнината од препливувањето на каналот „Ла Манш“, македонскиот пливачки маратонец Томи Стефаноски на 14 август ќе организира хуманитарен настан на кој ќе се обиде да преплива 15 километри по Охридското Езеро од месноста Пештани до црквата Канео во Охрид, па назад до охридското пристаниште.
„Мојот јубилеј ќе има хумана цел, односно сакам да ја подигнам свеста и да креирам подобри услови за лицата со атипичен развој и инвалидизираните лица во спортот и физичкото образование. Да им дадеме можност на многу лица и деца да го достигнат својот потенцијал, да уживаат во благодетите од спортот и да имаат поисполнет живот“,
истакна Стефановски.
Средствата собрани од настанот ќе бидат наменети за посочените цели.
Томи Стефановски го преплива „Ла Манш“ на 14 август 2009 година. Пред него, од македонските пливачи, овој канал го препливаа Нико Нестор во 1958 година и Атина Бојаџи во 1969 година. Подвигот на Стефановски траеше 7 часа и 42 минути.