Почетната цена за изнајмување на комплексот „Македонско село“ е четири илјади евра, објави директорот на СОЗР
Директорот на владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, најавува дека до петок ќе објави оглас за избор на концесионер на комплексот „Македонско село“, што се наоѓа на падините на Водно кај селото Нерези. Во интервју за „360 степени“ на МРТ1, Томовски рече дека од 2019 година досега комплексот не функционира, а со самото тоа државата изгубила над 20 милиони денари за обезбедување и осигурување на објектот, како и за неплатени кирии.
За информацијата дека претходниот концесионер се жалел оти не може профитабилно да работи, тој рече дека сега има многу заинтересирани да стопанисуваат со комплексот.
„Сум го слушнал тоа, но можам да кажам дека од оној момент кога кажав првпат дека сакам да заживее селото, има премногу заинтересирани. Ако него не му се исплатило, зошто би имало сега повеќе луѓе коишто се заинтересирани да стопанисуваат со тој објект. Практично, тој комплекс има 12 засебни куќарки коишто имаат сместувачки капацитет од 120 до 150 легла, имаме три ресторани, односно два ресторани и една винотека или кафе бар. Сметам дека може да биде профитабилен комплексот и претпоставувам дека затоа е и таква заинтересираноста. Она што ние како држава го правиме во моментов е проценка на тој имот. Нема да го издадеме како јавно-приватно партнерство како што тоа било во минатото – ние да одржуваме дел, а дел економскиот оператор. Практично, му даваме клуч на економскиот оператор со нашата замисла и тој стопанисува комплетно и целосно со тој објект“,рече Томовски.
Според директорот на СОЗР, почетната цена за издавање би била 240 илјади денари (околу четири лијади евра), а во зависност од конкуренцијата таа сума може да порасне. До крајот на оваа недела треба да се објави огласот.
„Планирам да се објави во четири лота, по три-четири објекти. Може и еден да конкурира на сите, може и еден човек да ги земе сите. Може повеќе луѓе да се измешаат. Ако мене ме прашате, подобро би било повеќе, ќе се борат, ќе се натпреваруваат, ќе го заживеат побрзо комплексот ‘Македонско село’ и намерно ми е предвидено еден дел да бидат само ресторани, другите да бидат за сместувачки капацитети, бидејќи не мора да значи дека ако еден човек е добар угостител, може да биде и добар хотелиер или обратно. Затоа одлучивме да одиме на тој начин. Се надевам дека ќе има поголема конкуренција и мислам дека ќе заживее“,рече тој.
Прашан дали државата треба таму да ја подобри инфраструктурата, тој рече дека во соработка со МПЦ-ОА ќе се зголеми бројот на паркинг-места.
„Паркинг има. Има уште еден паркинг што е во сопственост на црквата, на МПЦ. Јас сум разговарал со отецот којшто го одржува комплексот ’Свети Пантелејмон’. Сме разговарале да имаме тесна соработка за да можам на следниот економски оператор да му понудам подобри услови“,вели директорот на СОЗР.