Почина продуцентот Панче (Панта) Мижимаков
Друштвото на филмски работници на Македонија изразува длабоко жалење по повод смртта на нашиот драг и почитуван колега, истакнатиот македонски продуцент Панче (Панта) Мижимаков.
Во својата обемна професионална биографија вбројува големи успеси на македонската кинематографија.
Студирал на Академијата за театар, филм, радио и ТВ во Белград. Често работел на копродукциите и странските продукции кои се реализираат во Македонија и Југославија. Во ‘Вардар филм’ соработува на поголем број играни, документарни и кратки филмови. Од 1991 е еден од основачите и директор на приватната продукциска куќа ‘Пегаз’, со којашто има реализирано неколку филмски проекти.
Бил продуцент и менаџер на продукција на филмовите: „Среќна Нова”, „Преку Езерото”, „Џипси Меџик”, „Миротворец”, „Татко (Колнати сме Ирина)”, „Најдолгиот пат”, „Исправи се Делфина”, „Црвениот коњ”, „Тајната книга” и многу други значајни филмски остварувања.
„Филмот ни даде повеќе нам, отколку ние него. Ни даде сѐ. Работејќи и патувајќи низ светот, запознавме луѓе за кои не сме можеле ни да замислиме. Кога би бирал пак во животов, пак би работел во филмот” – ПАНЧЕ (ПАНТА) МИЖИМАКОВ