Починал пешакот што беше прегазен кај мостот „Гоце Делчев“, потврди МВР
Денеска во 11:25 часот било пријавено дека на булевар „Гоце Делчев“ патничко моторно возило „бе-ем-ве“, со кумановски регистарски ознаки, удрило во пешак. Во несреќата пешакот починал на самото место, потврдиле од МВР за МИА.
Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт.
На местото на несреќата, моментно се вршат увид од јавен обвинител од Скопското обвинителство и екипа од СВР – Скопје.
Од обвинителството велат дека првичните сознанија упатуваат на тоа дека до несреќата дошло кога автомобилот марка со кумановски регистарски ознаки удрил во пешак кој ја преминувал улицата во непосредна близина на мостот.
„По наредба на јавен обвинител ќе се врши обдукција на телото на починатиот, а од лицето кое управувало со автомобилот земени се примероци од крв и урина за да се утврди евентуално присуство на алкохол или други недозволени средства. Со наредба на јавниот обвинител ќе бидат обезбедени и снимките од видео надзорот на околните објекти со цел да се утврдат причините за несреќата. Дежурниот јавен обвинител издаде наредба и за технички преглед на автомобилот – соопштија од обвинителството.