„Почитувај го животот, врати оружје“ – Црногорци доброволно предаваат оружје на полицијата
По ужасот во Цетиње, во Црна Гора зема одзив кампањата „Почитувај го животот, врати оружје“. Управата за полиција соопштува дека граѓаните во рок од три дена доброволно предале 19 пиштоли, 14 пушки, 496 парчиња муниција и други делови од оружја.
Полицијата ги повикува сите граѓани да ги предадат своите оружја и да придонесат во зголемување на безбедноста. Тие напоменуваат дека секој што ќе го врати своето оружје нема да трпи никакви законски последици, дури и ако оружјето е во нелегална сопственост.
„Ги повикуваме сограѓаните да се јават на бројот 122 или да ги информираат полициските службеници за желбата да го предадат оружјето. Важно е да напоменеме дека оружјето не треба да се носи самостојно во полициски станици,“ апелираат од полицијата.
По трагедијата во Цетиње во која 12 лица ги загубија своите животи, кампањата „Почитувај го животот, врати оружје“ доби поддршка во јавноста и се гледа како битен чекор кон подобрување на безбедноста во државата.