Под мотото „Што е прво? Филмот или приказната“ 9. издание на МФФ Киненова од 16-20 октомври

Под мотото „Што е прво? Филмот или приказната” 9. издание на МФФ Киненова од 16-20 октомври

Фестивалот го отвора македонскиот долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата” на режисерот Гоце Цветановски

Од 16 до 20 октомври ќе се одржи најновото 9. издание на Меѓународниот филмски фестивал Киненова.
-На мое големо задоволство Тематски би ја започнал истата претставувајќи го овогодинешниот фестивалски слоган: Што е прво? Филмот или приказната? Огромна благодарност за целиот визуелен идентитет на овогодинешното издание на МФФ Киненова на маркетинг агенцијата ПУБЛИЦИС. Без нив пораката на фестивалот немаше да биде така јасно дефинирана и упатена, рече директорот на фестивалот Небојша Јовановиќ на денешната прес конференција.
-И да бидам актуелен, доследен на експозето, да го надоградам и проширам истото па да кажам: Што е прво? Уметникот или институцијата од каде ја добива поддршката? Фестивалот или неговите гости и филмовите, или ефектот кој истиот го има на филмската дејност, на унапредувањето на филмското образование, и крајно на подигањето на општествената свест и нивото на културното живеење во државата?
Што е прво? Би прашал.
Државата или граѓанинот? Прво е заедничкото или поединечното, индивидуалното? Или можеби обете?
Звучи субверзивно. Да, знам.
Да, КИНЕНОВА е роден така, да биде субверзивен, критички-ориентиран, контроверзен и провокативен фестивал, но не доволен сам на себе, туку со цел да биде ангажиран и во полза на општествените потреби и промени кон целокупниот интелектуален развој и созревање на општеството.
Конечно, доаѓаме до она што беше наша примарна асоцијација и контекст од кој произлезе слоганот, а тоа е вечната борба на сценаристите и режисерите, кој е прв, кој е поважен и од кого почна се. Сценаристот или режисерот, сценариото или визијата на режисерот?
Да, борбата е откога постои филмот и ќе постои секогаш без разлика дали некогаш од истата ќе произлезат длабоки и нерешливи конфликти или креативна дисусија која ќе даде нов квалитет и ќе го унапреди развојот на самото филмско дело.
Значи субверзивноста нема да недостига, не се грижете.
И сега, имам чест да го објавам филмот со кој свечено ќе биде отворено 9. издание на Меѓународниот филмски фестивал КИНЕНОВА.
Имам енормно големо чувство на среќа што оваа година повторно сите светла ќе ги впериме во македонската филмска продукција и недвосмислено ќе придонесеме кон афирмација и меѓународна промоција на македонскиот филм.
Овогодинешното фестивалско издание на МФФ КИНЕНОВА 2024 ќе биде отворено со првиот македонски долгометражен анимиран филм ЈОН ВАРДАР ПРОТИВ ГАЛАКСИЈАТА, на нашиот драг колега и посветен режисер, Гоце Цветановски.
Значи фестивалот ќе го започнеме со македонската премиера на ЈОН ВАРДАР ПРОТИВ ГАЛАКСИЈАТА, филм кој е во исто време дел од главната натпреварувачка програма.
Се работи за анимирана интергалактичка авантура која во исто време е алегорија за актуелните случувања во човештвото и нашата природа како и луди методи на решавање на проблемите, анимирана луда црна комедија која нема да можете да ја заборавите никогаш, истакна Јовановиќ.
За селекцијата на филмови кои ќе може да се погледнат во текот на фестивалските денови пред присутните говореше Игор Анѓелков, селектор на главната програма.
-Предјубилејното издание на „КинеНова” ни носи шест силни авторски остварувања од различни кинематографии. Живееме во пост-ковид времиња кога се’ е возможно, па затоа решивме годинашниот фестивал да ни понуди еден фин микс од еклектични филмски жанрови, кои сепак ги поврзува една заедничка нишка – внатрешната човекова борба против најголемиот непријател, самиот себе, а потоа и против Другиот, непознатиот, оној што живее во злобниот паралелен универзум.
Нашиот најчест фестивалски гостин се остварувањата од омилената иранска кинематографија. Колку и да ја обожуваме, сепак никако не можеме да прифатиме дека и понатаму оваа земја ги затвора своите чеда поради занимавање со филмската уметност и љубење на вистината. Во силното грчко остварување, пак, се соочуваме токму со моќта на филмот да ни раскаже приказна за чедоморството, кое кај нашиот јужен сосед се случувало се до доцниот 20 век, пред да биде забрането со закон. А поигрувањето со законот скапо го чинеше изрелскиот (анти)херој кој реши да направи хаос во и онака хаотичната држава која во моментов е во немилосрдна војна со својот вечен непријател. Војната остава лузни врз душата, а тоа многу добро го прикажува хрватскиот режисер во својот дебитантски филм кој се случува недалеку од военото поле на кое нема правила. Правила нема ниту во детските игри, каде секој може да има свое кралство, а момчето во филмот на црногорскиот режисер посакува само едно нешто – семејна хармонија. За тоа му треба супер херој, можеби некој како Јон Вардар, првиот долгометражен македонски анимиран филм. Да, тој е семоќен, и со неговата магија ќе биде отворено годинашното деветто издание на фестивалот,кој ги слави првите и втори остварувања на младите синеасти.
Како и секогаш, Ви посакувам добри проекции и многу научени лекции. Филмски, и животни. Во темнината на киното. На сребрениот екран. Се гледаме таму, подвлече Анѓелков.
Јовановиќ даде со посебен осврт на филмот ЖЕНА-УБИЕЦ на Ева Натена.
-Филмот ЖЕНА-УБИЕЦ е особен и исклучително значаен на многу нивоа. Приказната на филмот зборува за една скриена тема од очите на јавноста долго време во грчкото општество, а тоа е праксата или традицијата на жртвување на женски деца, особено во рурални и сиромашни средини и особено кон крајот на 19. век на островот Скијатос, заради сиромаштијата, а особено заради неможноста на родителите на женските деца да ја исполнат обичајната обврска да го даруваат семејството на младоженецот или идниот сопруг со значаен мираз.
Се работи за приказна инспирирана од лично искуство на младата режисерка, која скоро и да ја жртвува својата кариера како костимограф за да истражува на оваа тема подлабоко и да го сними овој драматичен филм и повторно да ја отвори темата пред грчката јавност и општество.
Филмот се заснова на реални настани и информации, а она што е прилично драматично и шокантно е дека законот за мираз кој всушност ги поттикнувал на вакви дејства младите родители и целокупните сиромашни мали заедници во рурална Грција бил активен се до крајот осумдесетите години на минатиот век во Хеленската република, што значи дека истиот бил активен дури и првите години од влезот на Хеленската република во Европската унија, раскажа Јовановиќ.
Традиционално МФФ КИНЕНОВА претставува една непозната за нас земја и кинематографија преку програмата „Фокус на…” Оваа година тоа е за нас далечната, северна и ладна земја, но според филмовите кои ќе се прикажат на КИНЕНОВА, прилично потентна кинематографија, финската.
Оваа програма во склоп на овогодишното 9. издание на МФФ КИНЕНОВА всушност ќе го означи првото претставување на финската современа кинематографија пред македонската публика и јавност. На програмата се два феноменални филма од финските автори кои во последниве години освоија значајни награди и го освоија вниманието на светските фестивали. Покрај класикот Аки Каурисмаки, новата генерација фински синеасти започна да го освојува светот со своите интересни приказни од крајниот север на Европа.

МФФ КИНЕНОВА секоја година дава значаен и суштински придонес во надополнување на филмското образовани во државата, преку специјализирани работилници.
-Оваа година имаме автентична работилница за развој на идеи и сценарија за кратки филмови кои се засноваат или се инспирирани од реални случувања, конкретен настан или постоечки лик. Работилницата, низ специфичен и јасно дефиниран процес ќе ја води професорката, драматург и сценарист од Атина, Ерини Демирцаки, информираше Јовановиќ.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close