Поддршка за директорот Китановиќ од Демократската партија на Србите во Македонија, а осуда од граѓански активисти

Поддршка за Далибор Китановиќ“ – напишаа во објава на Фејсбук од Демократската партија на Србите во Македонија (ДПСМ) речиси во исто време кога од Владата, во одговор на прашање на „360 степени“, рекоа дека очекуваат актуелниот директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, да се повлече од функцијата доколку не се согласува со ставот дека Ратко Младиќ е осуден за геноцид и воени злосторства.
Од ДПСМ објавија и коментари од социјалните мрежи во кои се изразува поддршка за Китановиќ.
„Зошто проблеми? Па во оваа држава терористите кои пукаа на нашите деца, вклучително и на моето, станаа високи владини функционери, а еден примерен дечко, кој ни на мува не згазнал, пуштил обична објава, ако воопшто ја пуштил и ако ова не е пак некоја местенка од СДСМ и ДУИ“,пишува во еден од коментарите.
„Вака да се буневте кога тука ги величат УЧК можеби и ќе бевме држава“,пишува во друг коментар споделен од ДПСМ.
Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска, пак, во објава на Фејсбук изрази негодување поради ставот на Владата и посочи дека Китановиќ треба кривично да одговара.
„Владата му остава простор за одлучување на директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, да го повлече јавно искажаниот став за Ратко Младиќ или да си поднесе оставка??? Далибор Китановиќ треба да одговара според член 407 -а од КЗ! Да биде апсурдот уште поголем, тој извршува функција на директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците! Нема тука простор за негово одлучување. Човек со такви ставови не треба и не смее да биде вршител на каква било функција, а најмалку таа што во моментов ја врши“,напиша Пировска.
Претходно, „360 степени“ се обрати и до владејачката ВМРО-ДПМНЕ за став во однос на објавите на социјалните мрежи на директорот Китановиќ, но и на коалицискиот партнер Демократската партија на Србите во Македонија во кои се глорифицираат Ратко Младиќ и Дража Михајловиќ. Од партијата одговорија дека не сакаат да се мешаат во внатрешните работи на други држави. За конкретниот случај, велат дека општоприфатен факт е дека Ратко Младиќ е осуден за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид од страна на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија.
Инаку, директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ на Инстаграм објави фотомонтажа, на која Ратко Младиќ е прикажан заедно со личности од српската историја, меѓу кои и Дража Михајловиќ, а со големи букви е напишано: „Генерални на небеската војска“.






