Погоден со домат синот на соборениот ирански шах во Берлин по политичка конференција
Реза Пахлави, син на соборениот ирански шах, кој живее во егзил во Соединетите Американски Држави, упати повик до европските влади да не прават отстапки кон иранското раководство, оценувајќи дека продолжувањето на преговорите само би го одржало актуелниот систем на власт. На прес-конференција во Берлин, тој изјави дека верувањето во постигнување мир со сегашниот режим е, како што рече, „сериозна заблуда“ и дека стабилност не може да се постигне ниту со изменета верзија на истиот систем.

Пахлави оцени дека Европа се наоѓа пред избор меѓу, како што наведе, „режим во распаѓање кој ја загрозува безбедноста“ и „слободен Иран“. Според него, сегашното иранско раководство никогаш не било послабо и го опиша како „ранета ѕверка“. Тој додаде дека во врвот на власта во Техеран нема вистински реформисти ниту прагматичари, туку само различни лица на ист систем.
Повикувајќи се на тврдења за неодамнешни егзекуции на политички затвореници, Пахлави ги повика западните земји да реагираат, прашувајќи дали ќе останат неми пред, како што рече, репресијата во Иран. Тој се претстави како личност која би можела да ја предводи демократската транзиција доколку дојде до пад на сегашната власт.
Во рамки на посетата на Германија, Пахлави оствари политички средби со претставници на неколку партии, иако не беше примен од германската влада. Тој оцени дека таквиот пристап е разочарувачки и дека демократските влади треба да разговараат со претставници на, како што рече, „оние без глас“. Германското Министерство за надворешни работи соопшти дека тој престојува како приватно лице.
За време на неговиот престој во Берлин се одржаа и собири на негови поддржувачи, како и протести на противници на неговата политичка улога. По завршувањето на конференцијата, кон него биле фрлени предмети, меѓу кои и домат.
Пахлави живее во егзил повеќе децении и е најстар син на последниот ирански монарх соборен во Исламската револуција во 1979 година. Иако има поддршка од дел од монархистичките кругови, тој останува контроверзна фигура во иранската опозиција, при што критичарите го оспоруваат неговиот демократски легитимитет и политичка поддршка во сам Иран објави Скопје1.мк





