Полициски службеник „падна“ со 50 евра поткуп, тој рекол: „Знаете дека ние не се трудиме џабе”“

Вчера единиците на МВР приведоа полициски службеник поради сомнение дека примил поткуп. Приведувањето е по претходно обезбедена наредба од Основниот кривичен суд Скопје за претрес на службени простории и лица и е под раководство на надлежен јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.

 

Осомничениот, вработен во Отсек за странци и реадмисија, на 16.1.2025 година во службените простории ја повикал оштетената која ја изгубила патната исправа и требало да извади нова. Притоа без да изврши проверки за претходно изгубениот пријавен пасош и да ги запази работните процедури ѝ дал уплатница за да уплати за издавање на нов документ. Откако го уплатила износот, оштетената се вратила во просториите на Одделот за управни работи и на осомничениот му ја предала уплатницата прашувајќи го за временскиот рок на постапката за издавање.

Осомничениот одговорил дека се чека од 6-12 месеци, на што оштетената негодувала, а осомничениот со гестикулации протривајќи ги прстите ѝ покажал дека треба да плати 50 евра за услугата велејќи „знаете дека ние не се трудиме џабе”. Оштетената кажала дека нема пари во себе и ако не е проблем да ја почека да земе, а ако не стаса во текот на денот, да му ги предаде наредниот ден, на што осомничениот се согласил и рекол дека ќе ја чека за да ја заврши работата.

По излегување од зградата, оштетената свесна дека тоа што осомничениот ѝ побарал пари без да ги уплати на сметка за побрзо да ја добие патната исправа е кривично дело, случајот го пријавила во полициска станица. Во текот на вчерашниот ден му ја предала кримтехнички обработената банкнота на осомничениот која беше пронајдена при претресот.

При претресот е пронајдена кримтехнички обработена банкнота од 50 евра, како и други парични средства и документација од други лица.

Предметниот јавен обвинител донесе наредба за спроведување на истражна постапка против осомничениот, а на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложи со решение на осомничениот да му изрече мерка притвор во траење од 30 дена.

 

Back to top button
Close