Рубио: САД ќе напаѓаат ирански танкери како одговор на нападите од Иран врз американските бродови
Американскиот државен секретар Марко Рубио го предупреди Иран дека САД ќе продолжат да ги напаѓаат иранските нафтени танкери како одговор на обидите за напади врз американските воени бродови.

– Иран продолжува со обидите да ги нападне американските воени бродови и секојпат кога го прават тоа или се обидуваат да го направат, ќе губат танкери – им изјави Рубио на новинарите за време на посетата на Колумбија.
Централната команда на САД (Центком) претходно денеска соопшти дека САД уништиле пет ирански нафтени танкери како одговор на тоа што Исламската Република во изминатите денови двапати гаѓаше воен брод на американската морнарица со балистички ракети.
Центком во објава на Х наведе дека се уништени пет нафтени танкери од таканаречената иранска флота во сенка.
Се истакнува дека таргетираниот брод на американската морнарица „успешно ги избегнал обидите за ирански напади и продолжил со патролирање во регионалните води“.
„Ниеден припадник на американскиот персонал не е повреден“, информира Центком.






