Полска ќе ја зајакне контролата за украинските камиони кои се враќаат во Украина
Полска денеска соопшти дека ќе воведе „засилена контрола“ за украинските камиони кои се враќаат во Украина во обид да ги смири полските камионџии кои протестираат против „нелојалната конкуренција“ од нивните украински колеги.
– Се работи за целосни инспекции со цел да се провери почитувањето на сите прописи поврзани со украинските превозници, изјави полскиот министер за инфраструктура Алвин Гајадур по состанокот со полските превозници.
Тој рече дека полските превозници се согласиле да ги ублажат нивните протести доколку контролите „дадат резултати“.
Полските камионџии кои се жалат на „нелојална конкуренција“ од украинските камионџии, од почетокот на месецот организираат блокади на границата меѓу двете земји, што резултираше со долги колони камиони на границата.
Еврокомесарката за транспорт Адина Валеан денеска ги осуди полските власти затоа што не се вклучени во изнаоѓање решение за блокадата на полските камионџии на границата со Украина, оценувајќи дека ситуацијата е „апсолутно неприфатлива“.
Полјаците протестираат поради олеснувањето на прописите поврзани со пристапот до Европската унија за украинските компании, што, според нив, има негативно влијание врз нивниот профит.
Во заедничкото соопштение испратено до нивните министри за транспорт и до Европската комисија, претседателите на здруженијата на превозници на Чешка, Унгарија, Литванија, Полска и Словачка бараат повторно да се воведат потребните дозволи за влез на украинските превозници во ЕУ.
ЕУ се откажа од тој систем по почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Европската комисија соопшти дека какво било повторно воведување на дозволи или квоти за активности во патниот транспорт не е законски можно.
На полските камионџии им се приклучија и земјоделците кои тврдат дека се уште трпат загуби поради падот на цените како последица на увозот на украинско жито на почетокот на годината.