Полска забранета зона за руски и белоруски спортисти


Полскиот премиер Матеуш Моравјецки изјави денеска дека на меѓународните спортски манифестации кои ќе ги организира неговата земја ќе им биде забранет настап на руски и белоруски спортисти, дури и под условите кои за нив ги препорача Меѓународниот олимписки комитет (МОК) за учество под неутрални државни обележја.

„Русите нема да настапуваат во Полска. Нема да има руски спортисти на натпреварувањата организирани во Полска. Ако МОК бара тие да учествуваат, ние нема да се согласиме“, изјави полскиот премиер.

Шефот на полската Влада додаде дека официјална Варшава нема да спречува полски спортисти да настапуваат на натпреварувања на кои ќе учествуваат Руси и Белоруси, но оти полските власти ќе настојуваат да се поврзат со земји кои имаат влијание да извршат притисок врз МОК.

„Одлуката на МОК за враќање на руски спортисти на меѓународната сцена е скандал и предавство на вистинскиот дух на спортот. Побарав од министерот за спорт Камил Бортнјичук да го пренесе во МОК нашето решително противење. Ќе направиме сè што е во наша моќ спортот да остане слободен од руско влијание“, објави Моравјецки на Твитер.

Против можноста под неутрално знаме на меѓународните натпреварувања да се вратат руските и белоруските спортисти кои не ја поддржуваат активно руската агресија врз Украина се изјасни и соседна Чешка. ег ФОТО: Твитер

Back to top button
Close