Поранешна порно актерка: „Ставете го Трамп во затвор и нека служи како боксерска вреќа во засолниште за жени

Сторми Даниелс, поранешната порно актерка во центарот на скандалот поради кој поранешниот претседател Доналд Трамп беше прогласен за виновен во кривично судење, го повика американскиот правосуден систем да го осуди Трамп на затвор.

– Ставете го во затвор – изјави таа за британскиот весник Дејли Мирор во саботата во своето прво интервју по одлуката на судот во Њујорк.

– Сметам дека треба да биде осуден на затвор и општествено корисна работа или треба да служи како боксерска вреќа во засолниште за жени – додаде таа.

Сторми Даниелс (45) тврди дека имала сексуални односи со Доналд Трамп во 2006 година, што тој го негира. Непосредно пред претседателските избори во 2016 година, ѝ биле платени 130.000 долари за да не зборува.

Трамп во четвртокот беше прогласен за виновен за фалсификување документи за да ги прикрие плаќањата за да ја замолчи Сторми Даниелс пред изборите во 2016 година.

Поротата во Њујорк го прогласи Трамп за виновен по сите 34 точки од обвинението, што го прави прв американски претседател кој е осуден за кривично дело. Трамп (77) ја негира вината и се очекува да поднесе жалба.

Нему му се заканува максимална казна од четири години затвор, иако другите осудени за такви злосторства често добиваат пократки казни, парични казни или условни казни.

Пресудата ги носи САД на непозната територија пред изборите на 5 ноември, кога Трамп, републиканскиот кандидат, ќе се соочи со актуелниот претседател, демократот Џо Бајден.

Сведочењето пред судот „беше толку страшно, бидејќи поротниците гледаа во мене“, рече Даниелс, „но како што реков претходно, јас ја кажував вистината цело време“.

Сведочењето на поранешната порно актерка беше еден од главните настани на судењето.

– За мене не е готово, за мене никогаш нема да биде готово – изјавила таа. Иако Трамп беше прогласен за виновен, „сеуште морам да живеам со тоа“, рече таа.

Back to top button
Close