Поранешниот полицаец Томас Лејн призна вина во случајот за убиството на Џорџ Флојд

Поранешниот полицаец од Минеаполис, Томас Лејн денеска се изјасни за виновен за помагање и поттикнување на убиство од небрежност во убиството на Џорџ Флојд во 2020 година, објави Минеаполис Стар трибјун.

Лејн се изјасни за виновен пред судијата на округот Хенепин, Питер Кејхил. Тој прифати тригодишна казна во замена обвинителите да ги отфрлат обвиненијата за помагање и поттикнување убиство од втор степен, објави весникот.

Судењето на поранешните полицајци Ту Тао и Џ. Александер Куенг треба да почне во јуни под обвинение за помагање и поттикнување убиство од втор степен и убиство од небрежност.

Тројцата беа осудени во февруари по федерални обвиненија дека на Џорџ Флојд му ги ускратиле неговите граѓански права затоа што не му помогнале повеќе од девет минути додека нивниот колега Дерек Шовин го притискал со колено на вратот.

Убиството на Флојд предизвика протести против полициска бруталност и расизам низ целиот свет. Шовин минатата година беше осуден на 22 и пол години затвор.

Шовин се изјасни за виновен пред федералниот суд за обвиненија за кршење на граѓанските права на Флојд.

Back to top button
Close