Поранешниот претседател на Еквадор, Морено осуден на пет години затвор поради корупција

– Судот во Еквадор го осуди поранешниот претседател Ленин Морено на пет години затвор поради поткуп поврзан со изградбата на најголемата хидроцентрала во земјата.
Истрагата против Морено, членови на неговото семејство и локални и кинески бизнис партнери, меѓу кои и поранешниот кинески амбасадор во Кито, почна во март 2023 година. Се истражуваше наводна корупциска мрежа поврзана со изградбата на електраната Кока-Кодо Синклер, што почна со работа во 2016 година и оттогаш постојано е во дефект поради технички проблеми.
Обвинителите побараа казни од повеќе од шест години за Морено и 19 други обвинети. Според Канцеларијата на државниот обвинител, помеѓу 2009 и 2018 година, кинеската компанија „Синохидро“ платила мито во вкупен износ од приближно 76,1 милиони долари преку лажни консултантски договори.
Истражителите тврдат дека средствата биле пренасочувани преку странски банкарски сметки и фиктивни компании во офшор зони до семејството и деловните партнери на Морено. Според обвинителите Морено и неговите роднини од 2007 до 2013 година добиле над еден милион долари, додека тој бил потпретседател,
Морено (73) ги негира обвиненијата, истакнувајќи дека не е вмешан во потпишувањето или контролирањето на договорите за проектот.
– Еден совет до обвинителот: Барате на погрешно место. Погледнете ги оние што ги потпишале договорите, оние што имале навика да бараат мито, барате на погрешно место, изјави Морено на судското рочиште.
Морено, кој беше претседател на Еквадор од 2017 до 2021 година, се врати во земјата од Парагвај за да се соочи со судење.






