Портпаролката на грчко МНР: Иницијативи на Грција за зајакнување на европската перспектива на регионот

Посети на министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис на земјите од Западен Балкан во следниот период, како и министерска средба во Атина до крајот на годината, според портпаролката на грчкото МНР Лана Зохиу, се планираните активности на Грција за зајакнување на европската перспектива на регионот.

На брифингот со новинарите во Министерството за надворешни работи на Грција, портпаролката се осврна на усвојувањето на Делфи декларацијата од страна на Грција и партнерите од Западен Балкан за нивното пристапување во Европска Унија, за која рече дека е од историско значење.

 

– Ако би дале наслов, би бил: „Европската перспектива на Западен Балкан, од Солунската агендата 2003 до Декларацијата од Делфи 2026“. Дваесет и три години по Солунската агенда, се обновува посветеноста на Грција и партнерите од Западен Балкан за нивната интеграција во Европската Унија, како неповратен процес, како геополитичка инвестиција во мирот и стабилноста. Делфи декларацијата е почетна точка на грчката иницијатива за Западен Балкан, која ја презеде министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис, а вчерашниот успех, нејзиното усвојување е резултат на долготрајни и интензивни напори во оваа насока, посочи Зохиу.

 

Потсети дека Грција, во пресрет на преземањето на претседателството со Советот на Европската Унија во втората половина на 2027 година, „останува силен поддржувач и двигател на интеграцијата на сите партнери од Западен Балкан во Европската Унија“.

 

– Активностите на Грција се насочени кон усвојување на европското законодавство од Западен Балкан, како и кон поттикнување на економската конвергенција и регионалната стабилност во области како што се енергетиката, поврзаноста, миграцијата и безбедноста. Планираните активности од грчка страна за зајакнување на европската перспектива на Западен Балкан вклучуваат: усвојување на Декларацијата од Делфи, како продолжение на Агендата од Солун и прв чекор во грчката иницијатива за регионот; посети на министерот за надворешни работи на земјите од Западен Балкан во следниот период, како и планирана министерска средба во Атина до крајот на годината, нагласи портпаролката на грчкото МНР.

Додаде дека Грција е подготвена да обезбеди експертиза во клучни области како што се владеењето на правото, јавната администрација, дигиталното управување, транспортната и енергетската инфраструктура и во пракса да ги поддржи реформските напори на своите партнери во регионот.

На маргините на Делфи Економскиот форум што од средата до утре се одржува во Грција шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис и претставниците на шесте земи од регионот, односно заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски, министерот за Европа и надворешни работи на Албанија Ферит Хоџа, првиот вицепремиер и министер за надворешни работи и дијаспора на Косово Глаук Коњуфца, министерот за европска интеграција на Србија Немања Старовиќ, заменик-министерот за ЕУ на Црна Гора Иван Иванишевиќ и амбасадорот на Босна и Херцеговина во Грција Драган Вуковиќ на првиот ден од конференцијата ја усвоија „Делфи декларацијата за европската интеграција на Западен Балкан“.

Back to top button
Close