Последниот автобус со бегалци го напушти Карабах: „Ова е етничко чистење“
Азербејџанската влада со денови инсистираше на тоа дека нема основа за бегство и дека жителите ќе бидат интегрирани според правилата на земјата
Последниот автобус со ерменски бегалци ја напушти планинската енклава Нагорно-Карабах во Азербејџан, изјави денеска во Ереван портпаролката на ерменската влада. Назели Багдасарјан рече дека во Ерменија пристигнале 100 514 бегалци кои биле принудени да ги напуштат своите домови во енклавата. Другите пристигнале со приватни автомобили, додаде таа.
Багдасарјан рече дека многумина пристигнале со здравствени проблеми, а некои биле неподвижни. Оние Ерменци кои се уште се во енклавата треба да се пријават во Црвениот крст, појасни таа. Азербејџанската влада со денови инсистираше на тоа дека нема основа за бегство и дека жителите ќе бидат интегрирани според правилата на земјата.
Сепак, на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев се гледа како на авторитарен лидер, земјата нема новинарска слобода и е цел на критики за кршење на човековите права, посочува агенцијата ДПА. Зборувајќи денеска во Баку, Алиев истакна дека Азербејџан се карактеризира со повеќе етнички заедници и религии.
„Живееме како семејство. Сега е време да се создаде слобода на Кавказ“, ја пренесоа неговата изјава локалните медиуми.
„Ова е етничко чистење“
Тој претходно најави дека десетици илјади Азербејџанци ќе се преселат во Нагорно-Карабах. Ерменија ја обвини владата во Баку за етничко чистење. Минатиот месец Азербејџан започна молскавична воена операција во Нагорно-Карабах, принудувајќи ја капитулацијата на самопрогласената Република Арцах, која не беше меѓународно признаена.
Ерменските водачи кои управуваа со областа рекоа дека таа ќе биде укината од почетокот на следната година.
Самопрогласената република Нагорно-Карабах престанува да постои од следната година.