Потпишани се 11 нови договори за соработка меѓу Македонија и Косово
Премиерите на Македонија и Косово Зоран Заев и Албин Курти на крајот од работната посета на косовската влада на земјава по повод заедничката меѓувладина седница, на заедничка прес-конференција истакнаа дека имаат причини да изразат огромно задоволство од работата на седницата, оценувајќи ја како историска.
-Денешната прва заедничка седница меѓу Владите на двете земји ја сметам за исклучително позитивен импулс за натамошен развој и интензивирање на нашите односи и севкупната соработка. Иако заедничката седница ја реализиравме во сложени услови заради пандемијата со КОВИД-19, таа е јасен израз на нашата политичка волја и на интересите на двете земји дополнително да ги засилиме и продлабочиме билатералните односи и соработката во сите области од взаемен интерес – потенцираше Заев.
Тој додаде дека потпишани се вкупно 11 договори, меморандуми и програми за соработка кои опфаќаат и соработка на меѓугранични проекти со поддршка на ИПА програмите на ЕУ, соработка на полето на енергетиката, како и на планот на културата и унапредување на заедничките иницијативи во иновациите и технолошкиот развој.
Заев потенцираше дека за Македонија Косово е еден од најзначајните трговски партнери и очекува дека оваа година вкупната вредност на взаемната трговска размена ќе ја надмине бројката од 400 милиони евра. Премиерот Заев посочи дека двете земји споделуваат уште една стратегиска цел–пристапувањето во членство во ЕУ.
-Во оваа прилика сакам да ја искажам нашата искрена поддршка за визната либерализација за Косово со Европската Унија, и да повторам дека Република Северна Македонија е подготвена да ги сподели со Република Косово искуствата од нашата интеграција во НАТО до членството на нашиот сосед во алијансата – рече Заев.
Курти, пак, истакна дека заедничката седница ќе поттикне проширување на соработката меѓу двете земји на повеќе нови полиња.
-Досега имаме 44, а сега уште 11 договори и тоа само по себе зборува за динамичната и сеопфатна соработка меѓу Северна Македонија и Косово. Како земји со исти цели за евроинтеграција, многу е битна и меѓуграничната соработка и соработката во борбата со организираниот и транснационалниот криминал, како и со корупцијата – рече Курти.