Повторно одложено рочиштето за аптекарот од Онкологија – Апелација два месеци одлучува дали тајната снимка е доказ

Повторно се одложи рочиштето за аптекарот од Клиниката за онкологија Калтрин Уштеленца обвинет за примање поткуп од пациентката Минка Веизовска која почина. Причината е во тоа што Апелациониот суд два месеци нема одлучено дали снимката на која е наводно тајно снимен Уштеленца и договорот за поткупот, а која е извлечена од мобилниот телефон на сега покојната Веизовска, треба да биде прифатена или да биде одбиена како доказ во постапката, пишува Слободен печат.

Првостепениот суд ја прифати снимката која ја достави обвинителството откако таа снимка беше крим-технички обработена од МВР, но потоа адвокатката на аптекарот вложи жалба до Апелациониот суд со образложение дека снимката е незаконска, поточно дека е снимена тајно и со кршење на правата на обвинетиот. Два месеци апелациониот суд нема донесено решение дали овој доказ да се користи во постапката или да не се користи, па судскиот процес е заглавен и не може да се одржи седницата со завршни зборови.

Инаку, според обвинението при крајот на 2022 година пациентката Минка Веизовска која боледувала од карцином на белите дробови, му дала обележана банкнота на Уштеленца како поткуп, за тој да ѝ даде биолошка терапија „кејтруда“. Веизовска пред да почине во судница рече дека иако имала лекарски извештај и била здравсвено осигурана и терапијата требало да ја прима бесплатно, сепак за тоа морала да плаќа мито. Според нејзиното сведочење, откако го известила тогашниот економски директор на болницата Нехат Нухи дека е уценувана за терапија, односно дека мора да дава пари за да ја има, тој ја охрабрил случајот да го тера до крај и да пријави во МВР.

-Ми рече дека треба да ја плаќам кај него лично, за да ми ја крие. Потоа си теравме ние подолго време така. Јас го прашав, дали некогаш ќе има регуларно терапија без да ја плаќаме, а тој ми одговори дека никогаш нема да има без пари. Имаше и професор доктор, чија сопруга имаше карцином. Аптекарот ме убедуваше дека и професорот морал да плаќа за да има терапија за неговата жена. Со оглед на тоа што имам тешка болест, јас друг избор немав. Кога го прашав колку пари треба, рече од 50 до 100 евра. Ама никому од сестрите да не кажувам, да немам контакт со другите вработени. Ако разберел дека имам контакт со други, немало да има терапија за мене, рече Веизовска пред судот, еден месец пред да почине.

Повеќе

Back to top button
Close