Пожарникарот Демири од Адијаман: Градот е срамнет со земја, се надеваме дека сè уште има живи луѓе под урнатините

Четворица членови од доброволното противпожарно друштво од Чаир „Бајрами Мифтари“ заминаа во турскиот град Адијаман на хуманитарна мисија по катастрофалниот земјотрес, во кој, според последните податоци, загинаа над 16.000 лица. Во изјава за МИА, претседателот на друштвото Артан Демири вели дека глетката е страшна и дека градот е срамнет со земја.

Тој посочи дека неговата екипа, која е составена од професионални пожарникари, во Адијаман е замината заедно со екипата на Дирекцијата за заштита и спасување. Од Скопје се отидени со 11 возила. Во градот пристигнале синоќа откако патувале 33 часа.

За моменталната состојба во тој дел, Демири рече дека под урнатините сè уште има луѓе за кои се надеваат дека се живи.

– Под урнатините има уште луѓе, се претпоставува, според некои сознанија, дека има сè уште живи луѓе. Би сакале да е така, надежта последна умира. Цел град е срушен и срамнет со земја и некои објекти што изгледаат подобро однадвор се оштетени и не се за живеење, нагласи Демири.

За МИА тој вели дека дел од луѓето се евакуирани, а дел се останати да спијат во возила и шатори. На сите на кои им е потребно им е укажана лекарска помош и се обезбедуваат храна, вода и сè што им е потребно.

– И нас добро нè примија, ни помагаат, се согласуваме. И за нас и за настраданите од земјотресот донекаде се условите направени. Моментално ние се наоѓаме во една семејна зграда во центарот на градот, каде што е најлоша глетката, раскажува Демири за МИА.

Back to top button
Close