Познати финалистите на Државното првенство во тенис

Со одигрувањето на денешните полуфинални натпревари познати се финалистите на Државното тениско првенство во кое во машка конкуренција ќе играат Амар Хусеиновиќ и Стефан Мицов, а во женска конкуренција за титулата ќе се соочат Теона Андова и Сара Митевска.

 

Во полуфиналната пресметка меѓу македонските Дејвис куп репрезентативци, 19-годишниот Хусеиновиќ со 2-0 (6-2, 6-3) го совлада првиот носител Кристијан Јанев и со тоа се избори за своето прво финале на Државното првенство.

 

Негов противник ќе му биде искусниот 33-годишниот Мицов, кој пласманот во финалето го избори откако неговиот ривал Горјан Вукиќевиќ при негатива од 0:4 во гемови во првиот сет го предаде дуелот. За Мицов, кој е втор носител, ова ќе биде деветто финале, а има и две титули, во 2011 и 2013 година.

 

Во женска конкуренција, 16-годишната Митевска ја победи две години повозрасната Ана Митевска со 2-1 во сетови (3-6, 6-0, 6-0). додека во второто полуфинале, првата носителка Теона Андова без поголеми проблеми ја совлада Ирина Пиштолова со 2-0 во сетови (6-1, 6-3). За Андова која беше шампионка во 2023 година, ова е трето финале по 2023 и 2025 година.

 

Во конкуренција на двојки Кристијан Јанев и Ерион Незири ги победија Дарко Колевски и Ѓорѓи Јанкуловски со 2-0 во сетови (6-1, 7-5), додека Иван Манасов и Виктор Сушелски беа поуспешни од Селим Јилдиз и Марин Стефановски со 2-0 во сетови (6-3, 6-4). ег

Back to top button
Close